ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 12

Тивки клокоти

12. Грешка

Човек се учи на грешки, ама поарно да не ги прави. Или барем да ги прави што помалку. А ние, какви што нè родил Господ, какви што не нè научил, саде грешки си правиме и на грешки туѓи не се учиме.

Со грешки ни оди политиката, со грешки државата кон модерна и развиена, со грешки си ја тераме работата. Со грешки почнуваме и продолжуваме, со грешки ни нема крај.

Кога би се задумал човек, може би нашол и намерно како прават грешки оние што мислат само на себе и за себе. Што повеќе да приграбат додека е матно, додека ни е темно пред очи.

Ништо од тоа што ќе простите туѓи грешки кога не си ги признавате своите, на себеси и на оние што се секогаш со вас. Поготово кога ги повторуваме како нови.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.