Потребно време за читање: 2 минути

9. Мачори, мачки, стаорци и глувци

По голема победа на избори и преземање на власта, се собраа мачори и мачки во амбарот на Спасе и Трпана. Нормално, воопшто не се изненадија кога видоа дека нема  ни трага ни глас од претходните властодршци-стаорците и глувците. Се собраа ем да ја прослават победата ем да ги договорат првите чекори во владеењето. Се разбира, истовремено да ја согледаат состојбата во амбарот.

Дибидус се изненадија и се разочараа кога видоа дека тој е речиси празен! Само понекоја вреќа брашно, јачмен и царевка! Никако не можеа да сфатат како тоа кога влезот на амбарот беше на повисоко, како што е вообичаено за сите амбари, а баш за да се спречат да влезат стаорци, глувци и други штетници. Згора, амбарот на Спасе и Трпана беше голема мајсторија: посебен, подалеку од куќата, со земник од камења и кал меѓу нив, а катот со душеме од греди и штици; ѕидовите од плет измачкан со кал и слама; во амбарот пресеки за различни жита, а околу него трем и чардак; покривот од камени плочи.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 5

Ги загледаа повнимателно ќошињата на ѕидовите и се стаписаа од толку многу стаорски и глувчешки дупки! 

Прво се испопрашаа меѓусебно дали дупките се празни или, пак, стаорците и глувците до самоти напуштањето на власта ги наполниле, та ги преполниле. Думаа, шестаа како како да го проверат тоа не губејќи време во чекање и најсетне решија да употребат мачорско-мачкина ујдурма: да разгласат и во и надвор од амбарот дека ќе ги третираат стаорците и глувците како конструктивна опозиција. Дури се подготвени да им отстапат мал дел од властодржачкиот колач, ко што при газдувањето отсекогаш правеле и прават Спасе и Трпана како прави домаќини. Почекаа некој ден и некоја ноќ, ама се подизлажаа само малкумина и излегоа од дупките! Мачорите и мачките без никаков проблем ги испофаќаа и ги испопикаа во стаорско-глувчешки зандани. Од ними, пак, разбраа дека дупките не се преполни, повеќе се празни одошто полни затоа што повеќето стаорци и глувци, на чело со нивните предводници кои совреме разбрале дека ќе ја изгубат власта, фатиле џенем. И тоа со вреќи полни со брашно, јачмен и царевка.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 13

Мачките, кои, како што е познато, се поумни и поербапи од мачорите, се сетија на уште една ујдурма. Со која за ептен кусо време успеаја да ги вратат од џенемот стаорците и глувците, и тоа сосе земеното, поточно украденото, до зрно царевка и до грам јачмен и брашно. А на Спасе и Трпана им гарантира дека ќе го чуваат амбарот како очите свои. Што беше ујдурмата?

Мачорите и мачките преку медиумите за масовно информирање обзнанија дека било што било досега, а во името на заедничката иднина амбарот го прогласуваат за општо односно заедничко добро. Што значи дека ќе работат напорно и чесно, та ќе го полнат сите, со заеднички сили. А кога ќе дојде невреме, секој мачор, мачка, стаорец и глушец ќе добива онолку зрна царевка, јачмен и вреќи брашно колку што ќе му биде одредено оти е доволно. Се разбира, најпрвин и најмногу ќе добиваат Спасе и Трпана како стопани.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 17

Јас, како раскажувач на баснава, сакам со задоволство да истакнам дека процесот на враќање на стаорците и глувците, сосе земеното, поточно украденото, до зрно царевка, јачмен и грам брашно е во тек, а нивното пикање во стаорско-глувчешки зандани е во полн ек. Како што е предвиде со планот, засега нема ни трага ни глас од нивните предводници. Ама за тоа нема голема секирација. Се знае дека тие први фаќаат џенем, а последни се враќаат од џенемот.