ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 11

Потребно време за читање: < 1 минута

11. Судено

Ни било судено во дамнина
да не бидеме заедно
меѓу небово и земјава сами
разделени меѓусебно
со далечен недостижен
хоризонт
што да не можат никогаш
да се пронајдат себеси
како  еден наш свет во кој
ќе живеат до смрт заедно
со нас сплотени единствени
тржествени
а јас не знам ни ти не знаеш
зошто така ни било судено

ни е судено во сегашнинава
којзнае може и во некоја
наша утрешнина
никаде никогаш ние заедно
да не пронајдеме корени
од нас наши со наши
што ќе ги откриваме уште
на светот живи и здрави
за со светлина да ги браниме
од самосвест самотничка
кога навалува од сите страни
да избрише каква било трага
на љубов скаменета
во постоење вековито
со писмо и знаци питоми
за разбирање согласност
и заедничко спокојно растење
на рожби и плодови.