ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Луѓе, поетска студија, 6

Потребно време за читање: < 1 минута

6. Зад човек

Многу луѓе зад човек извишен
како корен меѓу небо и земја
кои никако да го достасаат
па да продолжат заедно кон
нов хоризонт
сè уште само за него догледлив
со промислена постојаност
достојност и самостојност
ниту еден човек како човек
пред човеков како меѓник
меѓу свет и живот кои штотуку
почнал умно да ги освојува
за да опстане заедно со блиски
којзнае каде стасани до премор
така затоа што долго
не го следеа во чекор
и затоа што долго
не го гледаа ниту го разбираа
кога им раскажуваше како
никој не е сам кога е дури
без сенки околу него
дури ни кога неговата никако
да му се врати
од светлина до мрак
исто кога премолчуваше војни
од кои никој друг жив
не се враќаше без жива рана
освен тој благодарение
на мирот во душата му
како човек извишен
како корен меѓу небо и земја
и многу луѓе зад него
кои никако да го достасаат.