ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 18

Потребно време за читање: 2 минути

18. Како против мафија на власт?

Еден мудар човек рекол дека државата се бори против мафијата успешно или помалку успешно, со сите средства што се во нејзини раце и нејзина моќ, а државата е дефинитивно поразена, нема ни јота демократија во неа штом ќе стане држава на мафија. Јас ќе додадам дека државата на мафијата е мошне силна, отпорна, долготрајна и сурово, брутално, дури крваво борбена. Пред сè затоа што е организирана, системска, функционална и ефикасна. Каква што е, впрочем, секоја силна и моќна мафија.

Несомнено е дека Македонија е одамна држава на мафија! Следствено, небулозна е заложбата за борба против мафијата (еуфемизми се „борба против корупција и криминал“ и „борба против висока корупција“). Мафија на власт да се бори против себеси?!

Како против мафија на власт? Со политички средства? Кои?! Со демократски избори? Мафија да организира такви?! Кој мисли дека држава на мафија може да се ослободи од мафијата со „политички“ и „демократски“ средства е или наивен или будала!

И најмоќната мафија која (сè уште) не е на власт во една држава најмногу се плаши од (само)организиран народ! Ништо не ја плаши мафијата на власт, освен можеби нејзиниот меѓународен тутор, спомагач, поддржувач и споделувач на мафијаштвото.

Во овој момент во светот најмоќна е албанската мафија, и тоа пред сè „благодарение“ на слугувањето на „меѓународниот фактор“ САД; нејзиниот поддржувач на „албанското обединување на Балканот“.

Како против мафија на власт?

Единствено со самоорганизиран и организиран народ! Самоорганизиран-со спонтано насочување-„истурање на гневот“, организиран односно предводен од умни, учени, способни, авторитетни личности. Поблага „варијанта“ е организирана граѓанска непослушност.

Во заблуда е секој што мисли дека во држава на мафија мафијата сама ја урива, ја урнисува, ја уништува државата. Напротив, таа беспрекорно владее со неа.

Во држава на мафија платеничкото слугување и цврстата хиерархија се (пред)услов за личен напредок и неизмерно богатење. Во држава на мафија слободоумноста и вистината се оковани во пранги и фрлени во темни, црни зандани, а животен и спасоносен е „ставот“ дека наведната глава сабја не ја сече.