3. На бело видело
Овде веќе никој ништо не може
да сокрие под камен над камен
длабоко в земја високо над земја
под јазик под очи под нозе
над облачно небо меѓу секавици
не може зашто веќе не сака
а и нема со кого за кого во кого
до кога да живее уште нероден
од кога ќе почне да умира
штотуку роден за на бело видело
затоа што не се сокрива глас
од којзнае каде до којзнае колку
време по невреме во пустелија
на бело видело секој има
што нема никој или немал никој
пред да почне да се согледува
мрачнина околу срце чисто
и мисла чиста
дали затоа се соблекле угул голи
мажи и жени и деца та излегле
на чистина меѓу две матни реки
надевајќи се на плодно семе
од ветар од птици фрлено нивно
што ќе се вкорени длабоко
на сонце од утрина до квечер
па ќе изрти па ќе извиши
па ќе се разграни па ќе процвета
па плод ќе пподари за нивна трага
на постоење непорекливо
на постоење стамено
на постоење исконско.