ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 22

Потребно време за читање: < 1 минута

22. Голи камени кукли

Направи неброено многу големи и мали голи камени кукли. Не престанува да ги прави. Ги прави само дење.

Воопшто не му се важни нивните голи тела; дали им се стројни или извиткани, свиткани во половините, со големи или мали гради, со развиени или неразвиени раменици, со долги или куси нозе, со раце кренати угоре или прилепени до телата, со дебели или тенки бедра. Му беа важни единствено нивните лица; со правилно или неправилно истакнати црти, со испакнати или рамни образи, со лузни или без нив, со тенки или дебели усни, со правилен или искривен нос.

Најважно од сè на нивните лица, пак, му беа очите и насмевките. Им правеше секакви очи и насмевки: големи, мали, возбудени, вљубени, зачудени, загрижени, замислени, игриви благи, ведри, широки, топли, љубезни. Но на ниедни не им правеше строги, исплашени, рамнодушни, продорни, студени, подбивни.

Досега никој не ја узнал неговата единствена тајна: во долги ноќи ги оживува своите големи и малите голи камени кукли и танцува со нив до преумора.