ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 72

Потребно време за читање: 2 минути

72. За исчезнат

Двајца гологлави и забрадени старци, облечени во излитени црни костуми, со бели кошули, црни кравати, ласнати црни чевли и бастуни меѓу рацете. Седнати на клупа во парк, пред бел мермерен споменик на обичен човек. Тоа е апстрактна фигура на исправен средовечен маж. Зборуваат гласно, одвреме-навреме едниот погласно од другиот како да не се дослушуваат:

-Петре, слушна ли? Спасе исчезна.

-Што збориш, бре Стојане?! Како тоа исчезна?

-Така убаво, исчезна вчера.

-Од кај знаеш? Кој ти кажал?

-Никој не ми кажал. Нигде го нема, значи исчезнал и никој не го бара.

-Стојане, ти како да се мајтапиш со мене! Сакаш да кажеш дека умре?

-Не, не, Петре. Ти кажав и пак ти кажувам дека исчезна.

-Значи, исчезнал исто како да умрел.

-Не бе, Петре! Исчезнал, ама не се знае дали умрел. Бидејќи никој не го бара.

Двајцата гологлави и забрадени старци молчат како задумани. Стојан го загледува соговорникот, Петре го гледа внимателно и со подзината уста.

Стојан:

-Да ти кажам, пријателе Петре, според мене Спасе арно сторил. Во ова наше време секој се гледа само себеси, никој не мисли на никој, а камо ли да се грижи за некого. Затоа е поарно да исчезнеш одошто да умреш. Баш убаво сторил Спасе. Значи, не умрел, ама веќе го нема.

Петре:

-И што има убаво во тоа, пријателе Стојане? Ја исчезнат, ја умрен исто е. Штом никој не те барал и не се грижел за тебе како жив, додека си бил, а никој не се прашува ни дали си умрен…Може да е различно само ако има некој на кого му фалиш.

Стојан:

-Е, тука те чекав, Петре мој. Јас сум длабоко убеден дека Спасе исчезнал, а не умрел баш затоа што има некој кому му фали. На пример мене, а мислам оти ти фали и тебе.

Петре:

-Па сега…ако размислам подлабоко, и баш ми фали. Може затоа што тој ни е во муабетов.

Стојан:

-Јас го наметнав зашто го нема денеска со нас, а не знаеме дали умрел. Што значи дека исчезнал.

Петре:

-А не исчезнал за да го бараме. Нели така?

Стојан:

-Баш така. Туку…си го загледал спомеников?

Петре го гледа од глава до петици обичниот човек од бел мермер, па одговара:

-Еве го загледав. И? Што тој?

Стојан:

-Не знам дали и тебе, ама мене денеска тој некако ептен ми личи на Спасе.

Замолчуваат некое време, па полека стануваат крепејќи ги снагите со бастуните. Се поздравуваат и тргаат во спротивни насоки.