69. Дијалошки монолог
-Веќе не сакам да мислам!
-Мислиш!
-Не ми се мисли.
-Ама мислиш.
-Бесполезно е.
-Мислиш?
-Нема што да мислам.
-Не е бесполезно!
-Така мислиш?
-Не мислам. Знам.
-Како знаеш?
-Знајно е. Не си човек ако не мислиш.
-Ама човек мисли за човек што мисли.
-Така е.
-А човек не мисли зашто не сака да мисли.
-Ти си човек и мислиш. Дури многу.
-Велиш многу?
-Некогаш и премногу.
-За кого?
-За оној кому не му е до мислење на друг.
-А му е до свое?
-Ни до свое.
-Па како тоа јас премногу мислам за него?
-Нема како. Така.
-Тоа не е одговор.
-А што е?
-Тврдење.
-Може. Мислење како тврдење.
-Ќе престанам да мислам.
-Ти пак како на нашиот почеток.
-Ама е бесполезно да продолжам.
-Добро. Престани…А што ќе правиш?
-Ништо. Зошто да правам нешто?
-Зашто нема да мислиш. Да не мислиш да дејствуваш?
-Зарем мислењето не е дејствување?
-Може да е, ама не мора.
-Зависи? Од што?
-Од самото мислење. Има и мислечко недејствување, како што има немислечко дејствување.
-Ти ќе продолжиш да мислиш ако јас престанам?
-Ќе продолжам да те мислам.