КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), I, роман

Потребно време за читање: 7 минути

I

Тој бил еден како што е во свое време и колку што ќе биде во време на сите кои штотуку заживуваат или, пак, долго живеат со свои корени.

Ги разбира нештата во нивната суштина, притоа согласувајќи се да останат какви што се или несогласувајќи се да се менуваат само затоа што се од искони на своја земја и во свое време.

Од друга страна, одамна е сосем обессилен како интелектуалец кој со својот морален и интелектуален хабитус би можел одново да ги придвижи нештата кон нова догледлива цел. На која нема крстопат.

Од колумните (поентите) на Дамјан од Истин

1. Убедувањето-убеденоста

Убедувањето за што било е пред сè долготраен процес, акција или дејствување. Тоа не може да се постигне за кратко време (денови, недели), а особено не кога е вербално. Кога е во прашање процес, има утврден, проверен тек на „нештата”: најнапред се поставува крајната цел, потоа целите на „меѓуфазите“, па стратегијата и тактиката, средствата (зборовите-јазикот-стилот) и изборот на убедувачите.

Во акцијата ги нема „меѓуфазите“, па и конечната цел не мора да биде најпрецизно дефинирана.Таа по правило трае одреден, детерминиран временски период. Притоа, бројот на убедувачите е многу помал отколку при процесот. Што се однесува, пак, на дејствувањето, тоа е најчесто краткоротчно и „монофазно“.

Убеденоста е всушност целта кон која се насочува процесот, акцијата, дејствувањето. Основно е дека таа е претходно утврдена-затврдена, резултат на претходно убедување. Кога е таа во прашање, убедувачите прават не мала грешка: се трудат да ја разводнат. Па наместо убедувачки процес, го применуваат разубедувањето. Се разбира, тоа е можно само ако убеденоста не е цврсто „фундирана“.

Одамна е потврдено дека убедувањето е многу пофлексибилно и поефикасно отколку разубедувањето. Затоа е секогаш подобро да убедуваш отколку да разубедуваш. Убеденоста сама по себе претставува успех на убедувањето.

Нормално, ако сте однапред убедени, нема потреба да ве убедуваат. Залудно е. А можеби и не е, доколку постапат „според редот“ со вас: најнапред да ве разубедат во она во што сте се убедиле, а потоа да почнат да ве убедуваат во друго, конкретно во нивното. Но што ако не успеат ниту во едното, ниту во другото?

Во однос на убедувањето и убеденоста има еден „трет елемент“ на кој најмногу се насочува енергијата, особено кога станува збор за крупни „залаци“, како на пример освојување на власта: неопределеноста. Конкретно, привлекувањето на неопределените.

Треба да се има предвид дека и таа-неопределеноста е убеденост, а не нешто помеѓу. Многумина убедувачи не го знаат тоа, не го научиле, па наместо убедување применуваат разубедување. И, се разбира, резултатот е лесно предвидлив, се знае однапред: убедуваните останауваат неопределени (не неубедени).

Неопределеноста за која било понудена опција не значи ништо друго, освен убеденост дека ниедна од нив не е вистинската или доволно убедителна.

Претходниве мали нафрлоци за убедувањето и убеденоста беа нужни за да им го поставам на неопределните следново мошне важно прашање:

Дали ве убедуваат правилно и доволно за да бидете од убедените или, пак, останувате убедени во она што сте биле досега?

2. Познато и непознато за чесното владеење

Познато:

Чесното владеење се темели на строго и прецизно утврдени „правила на игра“, но и на однесување. Тоа се потврдува не преку владеење на или со, туку за. Прво во себеси, а потоа пред други.

Непознато:

Чесното владеење нема потреба од „проверка“ од други затоа што не предизвикува никаков сомнеж во сопствените вредности. Напротив, тој-сомнежот е првиот сигнал за негово изневерување односно за (макар и најмала) нечесност.

Познато:

Не се потенцира чесното владеење (не се ни спомнува) таму кајшто власта е сфатена како позиција-функција или статус кој овозможува недефинирани и со самото тоа нограничени привилегии, манипулации, шпекулации, корупција, криминал, „пливање во матно“.

Непознато:

Чесното владеење е и доблест и достоинство, но пред сè е еден од основните принципи на животот, дејствувањето и работењето. Скромноста и искреноста не се нејзина иманенција, туку егзистенција и смисла на постоење.

Познато:

Во чесното владеење највисока е свеста, а најдлабока совеста.

Малкумина знаат дека чесноста во владеењето ја постави како „доминанта“ во политичкиот дискурс, заложба и практика една партија во формирање која, за жал, и покрај скромната (дури и комерцијална) промоција, не успеа да се формира. (Или беше навреме).

3. А ветрот дува ли, дува

Нешто чудно, нелогично се случува со нашево време. Чудно е зашто е вонсезонско, а нелогичното е во тоа што се научивме само на логични транцизиони полит-бизнис-олигархиски нешта. Па и кога е времето во прашање, поточно неговите турбуленции.

Кога станува збор за личното здравје, во зависност од нивото односно степенот на издржливоста на организмот, тоа секако дејствува различно. Меѓутоа, освен ако имате проблем со притисокот, за сè друго е вистинска благодат за него, под услов ако нив ги доживувате и преживувате на високо.

Најнапред, нема ден да биде ист од почеток до крај, без облаче на небото. Особено во Скопје и Македонија. Нормално е утринските температури да бидат пониски од дневните, особено пладневните, но е исто така нормално стабилното време.

Лично јас, откога паметам, а паметам многу со оглед на годините и зрелоста, не паметам олку нестабилно време со денови: претпладне ведро, сончево, прилично топло, а попладне ветрови, море ветришта, облаци (сè уште не облачишта). Да не го спомнувам градот кој нè изненади бидејќи одамна го напуштивме системот во кој ништо не можеше да не изненади.

Во секој случај:

Без оглед каде се наоѓате во овој момент, би требало да се потрудите макар неколку дена да се најдете на високо, како јас веќе извесно време. Може поради многу нешта, за лично здравје пред сè, но најмногу поради ветрот што дува ли, дува. И тоа само од една страна-северната.

Интересно, нели? Северен ветер во една „(не)успешна приказна“ на Западниот Балкан! Вака најдени, на високо, како јас, ви дува одгоре удолу.

Да бидам искрен, ветрот, море ветриштето, многу не ми се допаѓа. Дури просто ме нервира. Дури му се лутам оти на дрвјата, а особено на овошките им испокрши цели гранки со плодови. На некои им ги разниша корените.

Ама сепак, почнувам да разбирам дека ветров е неопходен токму во овој период. Се плашам да помислам што ќе беше, што ќе се случуваше ако удреа горештини, жештини, без ниту ветре развигорче.

Ако нешто не ви јасно од досега кажаново, ако ви е нешто матно, особено ако сте сè уште на (пре)ниско па ветрот речиси и не го чувствувате, качете се на високо, како јас, и ќе ви се разбистри. Може и да ве продува, раздува. Не плашете се. Лично јас ви гарантирам дека нема да ве издува. Напротив, мислам дека ќе ви помогне пореално и понормално да ги гледате оние под вас!

Тоа што е ветров северен, не е којзнае каков проблем.

Ме прашувате дали дува фер и демократски? Е, тоа…

4. „Ние сме мала земја и сите се знаеме“

Во колоквијалниот говор постојат зборови, изрази, фрази кои се користат особено кога не се сака да се биде конкретен при некое или нечие откривање, а пред сè во негативна конотација. Тоа е особено случај во политичкиот вокабулар на нашите „врвни“ политичари (во наводници оти се далеку од врвот), кога ќе се најдат „во тесно“, па најчесто, од што не можат да се одбранат остануваат неми пред фактите и аргументите, ја користат фразата:

„Ма ајде ви се молам, ај да не се преправаме. Ние сме мала земја и сите се знаеме“.

Демек, нема шанса нешто да се сокрие.

Ајде малку да се позанимаваме со таа фраза. Ченам дека и на тие што ја користат не им е доволно јасна.

Прво, што значи „мала земја“? Се мисли на мала според територија, број на жители, политика (колку е значајна, прифатена, ценета во пошироки рамки), економија (моќ, богатство, позиција), култура (вредности), спорт (резултати) или…?

Второ, ако „сите се знаеме“ оти сме „мала земја“, дали тоа значи дека „сите не се знаат“ во голема?

Со други зборови, колку една земја треба да биде голема за сите да не се знаат помеѓу себе?

Јас би рекол друго:

Ние сме голема земја со многу мали луѓе, особено во политиката и власта, кои одамна се знаат меѓусебно. А и ние ги знаеме, та ни е преку глава од нив. Големите луѓе се дознаваат, се откриваат не во мала или голема, туку во знаена и почитувана земја. Која тие ја направиле таква.

Значи, „Ние сме мала земја и сите се знаеме“ се однесува на меѓусебно познавање на „мали луѓе“, а никако не на „мала земја“.

Немало и нема голем човек кој би тврдел дека во неговата земја (мала или голема според територијата или според бројот на населението или…) сите се знаат. Напротив, тој секогаш пронаоѓа нови, еднакви на неговата големина или поголеми од него со своето дело-творештво. И искрено се радува кога ќе ги открие, ќе ги запознае, ќе ги знае. Тој не ги познава, ниту сака да ги запознае малите, ништожните луѓе. Притоа, секогаш ја има предвид разликата помеѓу „знаењето“ и „познавањето“.

Посочената фраза има четири недостоинствени работи за секој што ја користи: омаловажување, самопотценување, ароганција и наметнување на сопствениот „просек“. Тоа значи дека се користи во самоодбрана. Тој што ја користи се соочува со поголем од себеси. Поразен е, откриен-разголен, станува свесен за сопствената ништожност, па не му преостанува друго освен да премине во „контранапад“. Всушност, дефинитивно да се порази самиот себеси.

Вистински големите луѓе никогаш никого не омаловажуваат, не се самопотценуваат, никогаш не се арогантни, а, се разбира, се свесни (не нескромни) за сопствената големина (со создаденото) и не им е познато што е тоа „просек“.

„Ние сме мала зем ја и сите се знаеме“ е и допрва ќе биде сосема „наместо“ кога станува збор за македонските политичари. Точно, сите ги знаеме, а знаеме и колку се знаат меѓусебно. Затоа на пример декриминализацијата на сите нивоа никако да ни „тргне“, чесноста, авторитетноста, знаењето и способноста никако да ги поставиме како главни критериуми за оценка на сечие политичко дејствување.

5. Народ, нација, делови од народи

Никако не можам да разберам како може да не се разбира, поточно да не се знае, дури да не се сака да се научи што е народ, а што нација. Па уште за некакви прикриени, но пред сè валкани цели да се измисли идиотизам кој од политикантски и платенички идиоти на власт се прифаќа како некакво „компромисно“ еуфемистичко решение: „делови од народи“. А не треба којзнае колку голема ученост за да се научи суштинското:

-народ е човечка заедница, и тоа етничка-етнос или население-демос.

(За поголемо учење и знаење треба да се имаат предвид и политички народ, конститутивен народ, мнозинство, малцинство, работоспособно население и др.)

Народ е најпрвин етничка заедница составена од луѓе со заеднички етнички идентитет, без оглед на просторноста и временската детерминираност. Македонскиот народ го сочинуваат Македонци, без оглед каде живеат и од кога живеат-постојат; кои имаат заедничко историско и културно наследство кое, пак, нема врска со поранешна или сегашна територијално-политичка поделба. Секој припадник на етнички народ има свој личен етнички идентитет и нема врска со државјанство на матична или друга странска земја. Како демос, народот е целокупното население на некоја територија, сосе етничките, јазичните, религиозните и други поделби;

-нација е збир на сите граѓани на една држава, од различни етноси и со различни религии. Тие се производ на држави, односно на политичко-територијални заедници со „обединувачко“ законодавство и државна политика. Нациите почнуваат да се формираат во 19-от век, како обид да се сочува „нешто“ од колонијализмот во „нова форма“ на неоколонијализам;

-делови од народи е, да повторам, измислен идиотизам од политикантски идиоти, ефумеизам за малцинство и немнозинска заедница. Зошто идиотизам? Просто затоа што во една држава секој што не му припаѓа на народот е припадник на „свој“ народ! Без оглед каде, во кој простор се вкоренил и во кое време заживеал и опстојува или е раселен-„растурен“ низ целиот свет.

Како треба да се разбира тоа дека не се разбира, поточно не се знае, ниту се сака да се научи разликата меѓу народ и нација?

Станува збор за прикриена, валкана, нецивилизациска, злосторничка, пеколна цел: бришење-разнебитување-укинување на народ и формирање нација.

Конкретно:

На новоутврдената „зацементирана“ територија украдена од Република Македонија, наречена Северна Македонија да се збрише исконскиот македонски народ, да ги „снема“ Македонците, а да се формира нова нација-Северномакедонци. Ако треба и со сила и со „конфликт“, со пролеана крв на народот и „деловите на народите“.