68. Последно обградено живеалиште
Конечно и Спасе Јаваноски реши да се обгради. Долго се противеше, се опираше, се бореше жилаво, но конечно прифати дека веќе не може. Мораше да ја прифати неминовноста-стварноста што го опкружуваше со години, со децении, што го опкружи просто да не може да опстане необграден. Конечно поразен како последен борец? Така некако.
Живеалиштето на Спасе Јаваноски е мала и трошна куќарка среде крстопатот на источната страна на селото. Последна уште жива благодарение на неговата осаменичка тврдоглавост. Зарем сите други ем обградени ем напуштени, со угаснати огништа, мртви? Токму така. Сите други поголеми од неговата, некои од нив палати обѕидани со бедеми. Во кои веќе одамна никој не доаѓа, не се враќа, не навратува. Ни нивни стопани, ни далечни роднини и пријатели.
Да, да, сите обградени. Со ѕидови, бедеми, високи железни огради, балвани, тараби, бодлив тељ, трње. Одбрана од што, од кого? Па ниту во селото, ниту близу или подалеку од него нема друга жива душа, освен Спасевата. Само Спасе, последен, и тоа среде крстопат.
Кога би се нашол некој случаен намерник или скитник зошто се обградува, зошто му треба тоа, дали би знаел да одговори? Не! Всушност, има еден одговор како самооправдание: сите други се обградени пред да бидат напуштени, со угаснати огништа, мртви. Можеби за да траат што подолго, брзо да не ги разурнат секакви времиња и невремиња. Кој би знаел. Дали тоа значи дека скоро и Спасе Јаваноски ќе замине, ќе фати пат, ќе отиде којзнае каде? Можеби во неврат?! Да, зашто нема друго. Последна душа не преживува.
Живеалиштето-малата и трошна куќарка ја обгради со купишта мали, големи камења и неколку карпи. Колку што имаше снага да ги довлечка од блискиот каменит рид на западната страна на селото. Од далеку личеше на гроб среде крстопат.