ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 1

Потребно време за читање: < 1 минута

1. Долго тајна

Дали си спокојна дека јас сум долга, може и најголема твоја тајна? Јас не сум спокоен дека си ми, но не оти е долга, може и најголема, туку затоа што таа те прави сè порамнодушна. Наспроти мојата постојана мисла за тебе која значи и трепет и немир, и возбуда и грижа, и недоумица и помирливост, и неизвесност и таговност.

Дали се прашуваш дека јас како твоја долга, може и најдолга тајна некогаш ќе заврши, ќе се открие, самата од себе? Или зошто јас некогаш да откријам дека ти си долга, може и најголема моја тајна? Се прашуваш ли што сè може да се случи тогаш со мене и со тебе? Што натаму со нас?

Белки знаеш дека многу долги и може најголеми тајни во сечиј личен живот се откриваат ненадејно, без оглед на последиците. А оние, пак, што по смртта или до неа не се сочувале, не се одбраниле од блиски и далечни, се неминовни, најчесто големи и долготрајни. Белки знаеш дека сè што е долго тајна, може и најголема, со време станува составка на сушноста на човекот и на неговиот опстанок. Просто сама станува свет во светот меѓу минливоста и трајноста на животот. Но кога ќе ја откријат или ќе се открие сама, се случува стрес. Се разнишува нивната рамнотежа, па светот веќе не може да биде каков што бил дотогаш. Повеќе е минлив одошто траен или повеќе траен одошто минлив. Исто: минлив помин крај оган среде мразнина, траен молк на штотуку родени далечни гласови.

Долго тајна на ни живи ни мртви љубови, во плодна земја вкоренети.