59. Синергична живеачка
На Пламен многу му се допадна терминот „синергична живеачка“ со кој Светлана Адамова ја назначи неговата заложба за заеднички семеен живот: живеалиште организирано како кружен простор изделкано во големи карпи и обградено со куп мали и големи камења; со природна околина од дрвја, овошна и зеленчукова градина; во постојана диреткна и индиректна комуникација со исти блиски и подалечни исти-типизирани кружни простори. Веднаш го вгради во називот на неговиот проект за карпеста населба: „Карпеста населба за синергична живеачка“.
Што се случува со него? Во последно време на реализацијата на проектот Пламен посветува сè повеќе од своето ангажирано време. Заедно со својот долгогодишен пријател и колега Андреј Воденски формира проектанско биро кое го нарекоа „Перспектива“; семејна фирма со предвидени работни места и конкретни ангажмани на ближни, која во скоро време треба да прерасне во градежна компанија. Заедно со него и тимот од четворица млади проектанти, сè поинтензивно работи на обезбедување финансиски средства за почетна фаза на изградба. Најдоа и со сопствени средства купија мошне поволен приградски простор на Северната планина, на дваесетина километри од центарот на градот; градежно земјиште со целосно завршена инфраструктура на километар ипол до него: еден хектар, со можност за проширување лево и десно по пет-шест хектари. Го очекуваат завршувањето на папирологијата, преносот на сопствеништвото и дозволите за градба.
А која е Светлана Адамова? Таа е средовечна самохрана мајка на две ќеркички; едната четиригодишна, другата шестгодишна. Ниска и стројна, одоко не повеќе од метар и шеесетина сантиметри. Слободна, со модерни погледи и сфаќања на животот, со свој препознатлив стил. Познат и авторитетен социолог, автор на низа социолошки студии за животот на модерниот човек, посебно од областа на урбаната социологија. Пламен ја познава одамна, уште од гимназиските денови.
Биле отсекогаш и се блиски, непосредни, искрени. Повеќе од тоа? Од неа без никакво сомнение, отсекогаш; нескриено, невоздржано. Од него поставена лична пријателска граница преку која не си дозволува да премине. Сè уште. Ни сега, откога со Бисера се самотни сопатници, а Светлана токму поради тоа некогаш е дури неподносливо наметлива. Кога се во заедничко друштво, настојува да биде што поблиску до него, ако може еден до друг, тело до тело. Го гледа со сјај во очите, нескриено од другите, а во меѓусебните разговори и разговорите со познајници и непознати се труди да зборува милозвучно. Досега многупати отворено му кажала оти се надева на дефинитивен раскин на неговата брачна врска со Бисера, раздалекот неминовно си го прави своето, а потоа ќе биде само нејзин. Ќе чека макар „сто светлосни години“ и е убедена дека тоа ќе го дочека.
Светлана Адамова беше одушевена од Пламеновиот проект за карпеста населба, модифицирана во планинска подземна. Особено од комплексноста на животот „во карпа и меѓу карпи“ на кој, очекувано, го стави акцентот нарекувајќи го „нова и мошне перспективна социолошка парадигма“ и „колку затворен, толку отворен круг на синергична живеачка“. Тој не само што ја има нејзината поддршка, каква што му треба, седно мала или голема, туку таа целосно ќе се ангажира во неговото промовирање дома и надвор.
По сугестија на Светлана, освен делкањето, поточно скаменувањето (баш поетски) на просториите за становање во карпи и и обградено со куп големи и мали и камења, струењето на воздухот, директно поврзано со ладењето и затоплувањето, овозможувањето на виделината да навлегува низ посебни отвори, слични а различни од прозорци, па сè до пристапните патишта и патеки меѓу камените куќи сосе скалила до нив, Пламен посвети многу внимание на секојдневното изразување на личната и наспоредно со неа семејната синергичност. Не само со задолжителна заедничка просторија во секоја куќа, која всушност е „замена“ за соба за дневен престој, туку и на нужната вкупна поврнина за семејство на две и три генерации соодветно поделена на лични простории. Сама по себе му се наметна стандардната големина на семејна камена куќа од најмалку стотина метри квадратни.