ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Потребно време за читање: 4 минути

36. Предводуањето

Здраво-живо, народецу мој,

Пред некое сабајле другар ми Стојко од пензионерскио дом ме праша и остана жив и по малу здрав:

„Заошто ти, дедо Громче, не ни помислуаш на предводуање? Мислам, да станиш предводник али лидер, ко шо се вели на срански“.

Ме праша и остана жив и по малу здрав, а мене ми го пикна црво во умо. Нормално, ко шо је секоаш со мене, го потпрашав и допрашав ко да сум зачуден и поприлично изненаден:

„Како мислиш тоа да помислуам? Каков предводник али лидер?!“

Тој гарант го смислил одгоорот однапред:

„Се знај како да помислуаш и каков да бидиш. Ќе се концентрираш во мислење за како да станиш. Бар кај нас, не знам како је во свето, нема друг предводник али лидер освен на партија и политика. А знајш заошто ми текна и се убедив оти тебе ептен те бидуа за то? Прво сè шо кажуаш и ќе кажиш ти је наместо, нема збор. Одозгора на то на крајо од секое кажуање потенцираш оти шо ќе кажи дедо Громче кажано је. А ко прво и прво, душа чоек си бе! И чесен и искрен и опитен. За памето шо го имаш ич да не прајме муабет. Ко твојо памет нема друг на свето!“

Помислив оти си игра мајтап со мене. Прибидејќи никоаш не играл, тој ми је од најдобрите другари пензионери, напрајв строг поглед, го кренав кажипрсто кон него и го предупредив:

„Стојко, не играј си мајтап со мене.  Знајш оти то не го дозволуам и како реагирам коа ќе проба некој. Можи да го шлакнам, а богами и да изеј ќотек за паметуање“.

Тој ич не се уплаши, ич не се ни збуни, ами напрај лице ко да се навредуа и подналутуа:

„А бе каков мајтап, дедо Громче?! За шо ме мислиш ти мене? Оти си дозволуам мајтапење со таква сериозна и проблематична проблематика?“

Ме убеди оти је сериозен, па побарав да ми се детализира:

„Прво мора да ми одгоориш на клучно прашање: дали можи чоек ко ја, ко шо велиш ти чоек наместо, душа чоек, умен, чесен, искрен и опитен, не да влези и да остани, ами да преживеј во политиката? Поготово во нашава? Ти не знајш оти политиката је ороспија, да не речам курва? И да ми одгоориш на друго клучно прашање: можи ли во нашава политичка констелација, ко шо се вели стручно-експертски, да се напрај партија на такви ко мене и на која ја би ѝ се стајл на чело, би ѝ бил предводник?“

Стојко ко да ги очекуаше мојте клучни прашања и ми одгоори на ними без мислење и двомислење:

„Ти реши да станиш политичар, напрај политичка партија, па ќе видиш оти нема да бидиш предводник само на партијата, ами на сиот народ. Ќе победиш на…“.

Му го пресеков зборо:

„Чекај, лебати чекај! Мислиш оти је лесно да напраам политичка партија? Знајш ли ти колку пари требаат за то? Да не мислиш на партија ко шо ги има неброени пајтон партии и султан партии? То не доаѓа во обѕир!“

И пак ме изненади со спремен одгоор:

„Ти само излези во јавност, на некоја телевизија, ако треба ние, твоите пензионерски другари ќе платиме за то, ти гарантирам оти секој ќе дај колку шо можи од пензиичката, и најави оти ко дедо Громче си пред формирање на партија на лујѓе наместо, души чоеци, чесни, умни, искрени и опитни. Па ќе видиш шо народ ќе ти влези во неа. Ти најдобро знајш оти грото од народо, особено слободнио, самостојнио и уште независнио је баш такво. А бе буквално преку ноќ ќе стани најјака и победничка партија“.

Лујѓе, морам да ви признам оти од пред некое сабајле другар ми Стојко ме стај во длабоко мислење и премислуање. Просто напросто не само шо ме стај, ами сум скоро потонат во ними. Ја предводник? Можам ли ја да предводуам во политика, па одозгора на то таа да не биди ко шо је во свето и кај нас ороспија, да не речам курва? Шо треба да биди мојата политика, на дедо Громче ко предводник?

Да ви кажам прао, длабоко се замислив ко таков и еве накусо како се замислив:

Ај нека биди сè шо ми изнакажа и шо ме убедуаше Стојко. Значи, ја ко дедо Громче формирам партија на вакви ко мене, нека се вика како било, и грото од народо ми поверуа оти ко душа чоек, чесен, искрен и опитен, па и умен, ко шо нагласуа тој, ќе можи без мака и проблеми не да ја освои власта, ами да стани фактор бар на исто, ако не и на поголемо ниво. Значи, појака и појќе слушана и влијателна одошто меѓународнио фактор. Ама како во контексто на нештата политиката ко ороспија, да не речам курва ќе ја препраам во невина, чиста, со сè на виделина, на сцена без кулиси, без ујдурми и марифети? Која грото од народо ќе ја прифати и ќе биди негоа, шо је според мене најважно?  

Ја мислам оти краткорочно, па и во поголемио дел од долгорочното не ќе можи да издржи таква ко шо треба да биди: партија на души чоеци, чесни, искрени, опитни и умни! Знајш заошто, народецу мој? Поради зато шо такви нејќат во партии. Таквиите обично ги викаат и се викаат сами интелектуалци. Тие сакаат да бидат не надвор, ами над која било партија. Демек да си се надпартијци.

И да си кажам на крајо, сосе ја ко ќе кажам кажано је:

Ја ко дедо Громче, душа чоек, чесен, искрен, опитен и можи умен, не можам да се замислам ко предводник, ко да предводуам политичка партија на такви ко мене поради зато шо во моментов, а и краткорочно, па и во поголемиот дел од долготочното ко прво и прво не мојт да се напрај јадро на исти ко мене.

Ај нека речи Госпо да сме здрави и живи!