Кинеските милијардери и нивната „мачна” живеачка

Потребно време за читање: 3 минути

Она што е можеби најинтересно, речиси 900.000 милијардери и мултимилионери во Кина воопшто не се (поточно не беа) погодени од финансиската криза, а која „изеде” огромни бог атсва на „новообогатени” поединци и групи во многу земји на светот.

Кинескиот милијардер/мултимилионер како семеен човек:

Неговата сопруга во просек е помлада од него една година, вози спортски модели (BMW), редовно излегува со пријателките во клубови за дами од повисоката класа, носи „булгари платиниум” и дијамантски часовници. На одмор заминува во Токио или Осака, а е секогаш во првите редови на мјузиклите и оперите неколку пати годишно.

Нивното дете во просек има 14 години, веќе е научено да носи најпознати брендови, има приватни часови по клавир, расте опкружено со ретки порцелански парчиња и колекции од жад и со слики на класици и модернисти на сите ѕидови.

Денес во Кина, која има повеќе од 1,3 милијарди жители, живеат точно 825.000 Кинези-мултимилионери („тешки” повеќе од 10 милиони јуани-1 долар вреди 7,3 јуани) и 51.000 милијардери.

Најголемиот број од нив го избрале Пекинг за живот- 143.000 мултимилионери и 8.800 милијардери. Потоа следи Шангај со 116.000 мултимилионери и 7.000 милијардери, а на листатана градови со најголем број на нови „аристократи” се и Хангѕоу, Шенџен, Чендгу и Шенјанг.

„Во последниве неколку години поимот на богатството се промени во Кина во секоја смисла. Денес големо мнозинство на богаташи тврдат дека им е поважно да бидат признати членови на „повисоката класа” отколку само богаташи. Клучен фактор на богатењето е урбанизацијата. Многу се гради и за тоа се неопходни услугите на градежните компании, производителите на железо и челик. Значаен профит се остварува и во авто- индустријата”, вели Руперт Хугјуверф, основач и издавач на „Hurun report”.

Желбата за припадност на „повисоката класа” (ксингуицу) или на „новите аристократи” е прилично изразена во Кина, особено помеѓу помладите богаташи или децата, тинејџерите, веќе потврдените мултимилионери. За тоа не е доволно само да се потрошат 90- тина милиони јуани годишно на одржување на недвижнини, купување на автомобили и други луксузни потреби, туку и да се биде виден член на некои клубови, како „Јонгфо лајт”, најпопуларниот пекиншки „класен” клуб.

Според наводите на „Hurun report”, екстра богатите Кинези просечно трошат околу 5,7 милиони јуани само на купување на нови автомобили и колекции, додека за донации- исто така симбол на нивниот статус- издвојуваат милион јуани годишно.

Треба да се наспомне дека, иако богатството беше практично исфрлено како поим или општествен статус од кинеската официјална терминологија, работите почнаа драстично да се менуваат откога Кина се отвори кон светот во 70- тите години на минатиот век. Потоа полека, но сигурно се издвои група на бизнисмени која богатството го стекнала со проеките од урбанизацијата на земјата, како што се трговијата со недвижнини, инфраструктурата и белата техника, се наведува во извештај кој го пренесе „Чајна дејли”. Токму поради тоа што се фокусираа на бизнис внатре, во земјата, за разлика од оние во други држави во транзиција кои брза заработувачка побараа преку извозот и повеќето пропаднаа, кинеските новобогаташи денес немаат проблеми со светските кризни движења.

Кинеското стопанство во 10- те месеци на најдлабока глобална криза успеа да одржи стопански раст помеѓу 8% и 9%. Аналитичарите оценуваат дека добитна комбинација се масовни владини инвестиции во инфраструктурата и помали давачки на извозната стока. Кинескиот извоз и увоз бележат најмал пад. Најнов податок: 130- мина Кинези заедно имаат 571 милијарди долари, што е за речиси третина повеќе отколку во минатата година.

Бројот на Кинези кои на сметката имаат повеќе од 150 милиони долари во последните 5 години се зголемил за 10 пати, а најмногу благодарение на процутот на пазарите на недвижнини и акции.

Има уште многу милијардери кои своето богатство го градат далеку од светлата на рефлекторите.

Најбогат Кинез е Ванг Чуанфу, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Се занимава со производство на електрични автомобили и батерии. За да ја заземе водечката позиција му помогнаа растот на кинеската авто- индустрија за 30% и тоа што удел во фирмата има американскиот милијардер Ворен Бафет.

Некогаш првата жена на врвот, Џанг Јин, е на втората позиција. Ја нарекуваат кралица на рециклажата зашто богатството го стекнала кога ја основала компанијата за рециклирање на хартија. На трето место е Су Жонгмао, сопственик на фирма за недвижнини.

На врвот се оние чии бизниси се поврзани со зелената технологија- производителите на еко автомобил, батерии кои се дополнуваат, сопственици на компанија за рециклирање. Тоа се вносни бизниси и производи и наскоро нема да можеме без нив.