57. Скитник и бездомник
Градо, веројатно скратено име од Градимир, без презиме, го знаат многумина во градот како скитник и бездомник. Никој само како скитник или само како бездомник; едните секаде секогаш во движење, и на светли и во темни места, а другите без постојано живеалиште, таму кај што некој час од денот ќе си ги одморат телата во заветрина и ноќта нема да ја минат под ведро небо, на студ или горештина, негде кај што ни ништо ни некој нема да ги држи будни или да им ги растура соништата во ниедно доба. Можеби најмногу затоа што никогаш не се во друштво само на скитници или само на бездомници.
На Градо му паѓа потешко бездомништвото одошто скитништвото. Сигурно скитништвото би му било не само полесно, туку и не би му било ни бесцелно ни до премалување. Кога би имал постојано живеалиште-куќарка, мало место обградено со камења, тули, греди и каков било покрив, во кое ќе се грее зиме, а лете ќе му нуди свежи денови и ноќи, кое ќе го штити од пролетни и есенски ветришта, од дожд и снег, би бил неизмерно среќен.
За бездомништвото и скитништвото има интересни гледишта. Му ги кажува на секој што е подготвен да го слуша трпеливо:
„За мене како бездомник и скитник најтешко е самотништвото. Сигурен сум дека е исто за секој како мене. Знаеш што значи тоа за бездомник и скитник? Значи да зборуваш сам со себе оти немаш со кого да скршиш ни еден, а камо ли два-три збора; или да молчиш со денови и ноќи. Значи да не ти значи ништо минливоста на времето. Секој ден и секоја ноќ да ти течат исто, ништо да нема различно во нив. И ништо да те помести од место. Не знаеш дека секој што живее во самотништво е бездомник и скитник? Поживеј така некое време, па ќе знаеш. Како бездомник и скитник, јас во самотништво немам постојано живеалиште. Сегде кај што запирам за да одморам снага поживуркувам, без оглед на времето или невремето, па го продолжувам бесцелното скитање. Како бездомник и скитник, јас во самотништво просто не се знам себеси како човек, туку најмногу како суштество на кое единствено важно му е да не биде гладен и жеден. Сеедно ми е што сум сè уште жив“.
Посебно за бездомништвото:
„Бездомништвото не е за човек. Полека и несетно го прави сè поголем нечовек. Не му прилега на човек да нема свое постојано живеалиште, во кое може да се најде, да го најдат кога било и за што било. Таквиот најпрвин треба да се праша дали имал, па го напуштил или нема свој дом оти не му треба. Зарем е можно да не му треба?! Можно е кога постојано оди напред, не стои во место и не прави ни чекор назад. Можно е и зашто никогаш не ја почувствувал неговата топлина. Особено ако останал без предци и нема свои потомци. Можам да ти го докажам тоа како човек на кого му се сличило токму тоа“.
Посебно за скитништвото:
„Скитништвото е бескрајно и трајно кога е бесцелно. На скитникот му е сеедно каде бил, каде е и каде ќе биде допрва. Затоа му е најдобро во беспатје. Нему и да му направиш постојано живеалиште, за кусо време ќе го напушти. Просто не знае и не сака да се вкорени во него. Особено кога во огниште треба да запали оган, па дење-ноќе мора да внимава да не угасне. Скитништвото го запира само од преумора, кај што ќе се најде и дури не се одмори“.
Секогаш заклучува:
„Многу е тешко да си бездомник и скитник во голем град. Каков што сум јас. Едно затоа што во него сум самотен, не се чувствувам како човек, мислам пред сè како човек со идентитет и лично достоинство, а друго дека за мене сите патишта во него водат кон беспатје“.