29. Различни
Мора да се различни
времето на раѓање
и времето на умирање
на луѓе и на нивни сенки
откога секој ќе излезе
од своја кожа,
докажувајќи си на себеси
дека е предодреден за спокој.
Мора да се со оглед на тоа
што е од суштествено значење
постоењето на знаци и звуци
кои наведуваат кон откривање
нови траги неизбришливи,
оставени на траење под земја
испустена.
Мора да се различни
вчерашното трагање
по светлина низ мрачнина
безмерна
и немирите кои навестуваат
утрешно премалување
дури се вкоренува во надеж
постојаност жизнена.
Зашто мора да се различни
будењето и заспивањето
на човек кому му преостанува
уште да согради дело
што го создавал со векови,
кое без престан ќе прикажува
за древности и минливости.