47. Домородни и дошлаци
Кусо промислување на Пламен:
„Во секое време и на секој простор мора да се разграничат домородните и дошлаците. Најпрвин затоа што домородноста е мошне важна за опстанокот на своја земја, особено кога е таа на народ од искони. Не само дека трагите на домородните се сосем различни од трагите на дошлаците, најмногу поради нивната длабина и многузначност, ами оти првите за разлика од трагите на другите над нив или од нив покриени, може дури сокриени, се неизбришливи. Зашто се суштествени за сечиј опстанок од минато до иднина. Можна е рамнотежа меѓу нив, дури наспоредност, дури соживот, само доколку дошлаците ги признаат, ги прифатат како такви-домородни и не се обидуваат да ги уништат. Што најчесто се случува во нашево време на сè поголеми и пожестоки судири меѓу големи и мали, силни и слаби, агресивни и мирољубиви, нечовечки и човечки
Жално е што се случува со мојата Македонија од искони и со домородниот македонски народ. Особено од пропаста на Османлиското царство до денес. Во одземените, украдените, подарените делови на соседите и во делот што остана нивен. Дури исконското име на нивниот им го сменија изроднички, велепредавнички политиканти и идиоти. Не само што Македонците се потиснати, истерани, раселени како домородни, од своите домородни огништа, ами дошлаци насилно и безочно им ги покриваат неизбришливите траги со свои, истовремено гаснејќи им ги огновите во нивните огништа. Дотолку повеќе, испокрадоа и крадат, па продаваат на странци нивни археолошки артефкати со кои веќе се преполни странски музеи и приватни колекции на белосветски бизнисмени. Најсетне: владеат со нив протекторатски, апартхејдски и мафијашки.
Ако нешто не се промени радикално, драматично во догледно време, домородните Македонци на своја земја ќе бидат собрани, напикани во гета и ќе ги изумираат забрзано со секакви заразни болештини. Дошлаците веќе им ја кројат судбината како што им наредил кројачот-„стратешкиот партнер“.
Не сум оптимист, ама љубовта спрема мојата татковина ми го одржува борбениот дух. Сеедно каде сум, сеедно дека сум моментно привремено далеку, во странска земја и можеби ќе станам еден од недобројните изелени Македонци. Да, се борам и ќе се борам како знам и умеам, со сите орудија и оружја што ми стојат на располоагање.
Вистината секогаш победува? Така е, ама само ако е нејзината победа совреме. И ако секогаш се има на ум оти сè најмногу зависи од свесноста и самосвесноста на секој учесник во борбата меѓу неа и лагата“.