ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Потребно време за читање: 4 минути

22. Корупцијата

Здраво-живо народецу мој,

Да знајш, многу ме загрижуаш оту ти е ко шо ти е! Те ватило рамнодушие, апатија ко шо се вели стручно. Горнине те ничкосале наземи, те дотерале до самоти црна мракојна и само шо не те врлиле во неа, а ти саде си констатируаш: „Џабе е сè, веќе ништо не можи да се попрај, нито да се опрај. На сите до еден корумпирани никој ништо не им можи“. Како бе така?!

Овије дни ептен длабоко ме замисли моево загрижуање, па решив да те протресам, да те разбудам, да пробам да те натерам да си речиш: „Е па доста е! Налет сè! Сега и отсега, мамичето ваше мамино, ќе го кркате стапо народен!“ Белки ќе ми успеј. Не, не мислам многу да зборам, да дробам, да ја проблематизирам корупцијата ко шо се вели стручно. Знам оту знајш сè за неа детално и ти е дојдена преку глаа. Сакам да ти кажуам за две нешта кои просто ми сторија ептен голем предизвик.

Првото нешто е еден онлајнарски оглас, од непознат продаач он лајн, кој дниве ми дојде на мојо фејсбуков профил. Толкуа ми падна в очи, шо не си веруав на очиве дека го глеам и читам. Варди се да не се фрапираш ко ја:

„Се продаа тазе политичар за министер во Влада. Дипломиран, магистриран и докториран корупциролог, махер за корупција. Понудите на политичките партии на власт да му се испраќаат нему лично“.

Да не се фрапира, народецу? Богами, ја и сега, пренесувајќи ви го од А до Ш, сум фрапиран, просто сум шашардисан. Прво помислив дека е некоја шега, виц, штос, заебанција, ама ко се замислив…

То шо се продаа тазе политичар не ми напрај дикат. Знам мнозина ко таквии, продаени уште отко се родени политичари. Кои шо се продаваат и во пазарен и во непазарен ден за многу пари, но ако требит и за ич пари. Дикат не ми напрај ни то шо се продаа за министер во Влада. Нормално-се мисли на актуелнава. Па таа е дамна продаена, уште отко стратешкио партнер на Северџганијава и негојте еуропски ортаци решиле да ја напраат за допродаање на нејните соседни државички. А одозгора на то, таа се докажа и катаден се докажуа ко надарена, ко талентирана, ко остручена, ко специјализирана за корупција. Малу ме задума то шо тазе политичаро е ем диплопмиран ем магистриран ем докториран корупциролог, односно махер за корупција. Како ли успеал сето то да стани во едно кусо време, најбрго шо можи прибидејќи е тазе политичар. Значи је млад, не баш опитен, а можи порано да бил нешо друго, на пример бизнисмен, па ко ептен успешен се прекомандуал во политичар. Ма знам и ја оту во Северџганијава дипломи се даваат ко од ракав и за ситна пара, особено коа им требаат на оние од партискине војски, а најособено на оние шо треба да станат министри, а за да не им затребаат переспективно. Ама ќе ти признам оти досеа нит` сум видел, нит`сум чул за таков, најмногу и највисоко специјализиран  корупциролог, односно махер за корупција.

Лујѓе мои, ја знам оту нема кој од вас да не знај шо е то корупција. За оној шо знај малу, само ќе потенцирам секому знајно: то је исто шо и злоупотреба на службена положба, особено од дното до врво на власта, за да се напрај некоа приватна добивка со расипанос, најчесто со народни али валкани пари; има многу таквии злоупотреби, а најпознати и најблиски на натуренава северџганска власт се поткупо, уценуањето, непотизмо (то ви је стручен термин за роднинство), протекциите и митото; ситнио бакшиш му иди ко прво скалило корупционерско; многу е важно да се има на ум оту корупцијата е  често дел од организиранио криминал односно мафијаштвото, и то на највисоко ниво. Ја ко печен, та препечен филозоф дедо Громче морам да го нагласам и филозофскио аспекат на корупцијата: она се однесуа на духовната и моралната нечистотија и декаденцијата, ко шо стручно се нарекуаат изродуањето, пропагајнето, растурајнето на нешо шо е суредено арно; со еден збор општо назадуајне.

Белки ќе разбериме, вие и ја ко ќе се реализира огласо кој е новио министер-корупциролог.

Второто нешо кое просто ми стори предизвик е еден поет ко пророкуач шо го чув на улица меѓу улични свирачи и пејачи. Велите, лујќе мои, оту е чудно да се најди таков меѓу таквии? И мене ми беше, ама то не ми је поентата. Поентата ми је кажуањето негоо исто ко стихој, ко песна, а беше пророкуајне накај предупредуајне. Го повторуаше папагалски со восторжен глас секојпат коа некој од минуачите и шетачите на улицата ќе застанеше пред него и ќе му фрлеше некоја ситна пара во сламената шапка крај негојте ноѕе. Го слушав два-три пати и то ми беше доста за да запамтам и сега да ви го исцитирам од А до Ш:

„Вардете се, лујѓе, од вулкано горе, на корумпиранана планина над нас, до самоти небо. Сигурно сте приметиле оту во последно време чади сè појќе и сè погусто. То ви дава на знајне оту скоро ќе бувни, ќе еруптира, ќе се излеј, ќе почни да врла магма и ќе пеплосуа сè живо шо ќе му застани на пато.

Чуј ме и почуј ме, народе! Ако сакаш да преживејш, прибери си ја, собери си ја сиромашијата совреме и фаќај џаде. Бегај шо подалеку од градов. Можеш и во бестрагија да заминиш“.

Знајте, лујѓе мои, шо ме предизвика, просто ме иритира од кажаново на поето? Не оту е крајно време да се вардиме од вулкано горе, на корумпиранана планина над нас, до самоти небо, а нито чадејнето кое секако го имав приметено од неодамна оту е сè појќе и сè погусто. Се знај оту то је знак за брзо бувнуајне, излејувајне, еруптирајне, фрлајне магма. Ме предизвика, просто ме иритира негоото порачуајне на народо да бега, дури и во бестрагија да замини.

Да ти кажи дедо Громче, народецу мој, а ти знајш оту ја ко ќе кажам кажано је:

Корумпираната планина не је исто ко секоја планина. Она је бунишче напраено со катадневно фрлајне на секакви корумпирани валканици, гнаси, гној од корумпиран добиток и сè друго корумпирано. Бунишчето се напрајло планина благодарение на оние шо секако се борат против корупцијата, ама никако не можат да ја сотрат, во корен да ја сосечат. Вулкано на нејзинио  врв секако нема да бувни, а ќе чади уште многу време и сè погусто до коа ти ќе решиш конечно да ја сотреш корупцијата што те фрли во тешка сиромашија. Сакам да ти речам, да ти порачам: да не бегаш, нито во бестрагија да ојш, ами конечно да си речиш, да се тргниш, да се крениш на ноѕе и да ѝ порачаш на корумпиранава натурена власт: „Е па доста е! Налет сè! Сега и отсега, мамичето ваше мамино, ќе го кркате стапо народен!“

Си знајш, народецу, оту то шо ќе кажи дедо Громче, кажано је!

Leave the first comment