47. Ближни
Пред самрак, во преполно кафуле. Од масата зад мене наслушнувам тивок разговор на средовечен маж и видно помлада убава жена. Пијат капучино.
Тој:
-Многу ме изненадивте со Вашиот повик и замолување да се сретнеме, да се запознаеме. Досега тоа не ми се случило.
Таа:
-Посакав кога ја видов Вашата фотографија на Фејсбук профилот. Подолго време ги следам Вашите статуси, особено коментарите и анализите на состојбите во државава.
Тој:
-Морам да признам, а Вие не ми забележувајте: ме привлече Вашата убавина на фотографиите на Вашиот Фејсбук профил. Мене сте ми многу поубава „природна“ и „жива“. Навистина.
Таа се насмевнува гледајќи го продорно:
-Благодарам. Нема зошто да Ви забележувам. Не го сфатив тоа како додворување.
Тој срамежливо:
-Па…Сега…В ред.
Таа:
-Се прашувате зошто побарав да се сретнеме и да се запознаеме?
Тој:
-Ви реков дека ме изненадивте многу.
Таа:
-Сакав да се запознаеме зашто сме ближни.
Тој:
-Близок сум со многумина…
Таа со широка насмевка:
-Не реков блиски, туку ближни. Роднини.
Тој ја гледа збунето:
-Роднини?! Јас и Вие?! Можно е…Јас не Ве познавам…Ве гледам првпат….Можеби далечни ближни…
Таа продолжува да се смее радосно:
-Ние сме втори братучеди.
Тој со малку возбуден глас:
-Чекајте. Јас го имам истражено моето семејно стебло и меѓу вторите братучеди не сум го сретнал Вашето име. Да не грешите?
Таа:
-Не, сигурна сум. И јас долго го истражувам моето семејно стебло. Втори братучеди сме од страната на мајка ми…Можеби затоа не сте ме нашле. Ама Ве најдов јас.
Обајцата потстанаа истовремено и се прегрнаа. Беа уште пегрнати кога станав и им се доближив:
-Извинете, сосем случајно го наслушав вашиот разговор. Дозволете да ја споделам вашата радост за роднинското запознавање.
Ми дозволија со кимање со очите. Ги гледав со искрен топол поглед.