46. Свијок
Еден свијок постои на стар пат. Одамна, откога постои патот. Некои стари, кои паметат како патот полека, дури несетно сам се пробивал низ планини и долини, крај брзи, големи и мали реки, во високи и длабоки шуми, среде пустелии и живи предели, прво како врвица за бавни и стамени чекори, со време ширејќи се за да можат луѓе да одат по него двонасочно, раскажуваат дека свијокот бил неминовен. Само што го прошириле исто колку патот, значи и тој да се минува двонасочно, но притоа многу внимавајќи да не се направи погрешен чекор надесно, а што би значело сигурна смрт. Имено, десно од свијокот има широка и длабока провалија.
Во дамнешно време, кога се одело секаде, и близу и далеку со коњи, магариња и коли, патот и свијокот прво биле земјени, во суво време прашливи а во дождливо калливи; потоа туѓи војски ги калдрмисале, со секој голем или мал камен наместо; за во совремиево да го извадат каменот и да стават асфалт. Се разбира, обележан со полни и испрекинати бели линии и со сообраќајни предупредувачки и обврзувачки знаци.
Неважно дали случајно или намерно, пред некој ден со автомобил возев по стариот асфалтен пат со свијокот. Очекувано, на педестина метри пред него го забележав предупредувачкиот сообраќаен знак, но и уште еден: дека свиокот е црна точка. Отспротива наидуваше старец качен на дрвена кола со коњска запрега, во работничка излитена облека и качкет на главата. Излегов од автомобилот, го запрев и го прашав:
-Пријателе, од кога свијокот подолу станал црна точка?
Не помрднувајќи се и држејќи ги затегнати коњските узди ми одговори бавно и рамнодушно:
-Откога на свијокот зачестија излетувањата со автомобили во провалијата. Загинаа неколкумина млади и родители со деца, на кои секако не им бил доволно познат патов и веројатно тргнале од којзнае каде без конечна цел. Можеби патов им се видел без почеток и крај.