40. Судбина
Пред прагот на трошната куќарка на слепата старица Искра беа збрани деца, средовечни мажи и жени и неколкумина во длабока старост. Квечерум, на небото полна месечина. Ја слушаа во молк:
-Од ден на ден ми е сè поблиска Смртта, пријатели мои. Не ѝ се плашам. Зошто би? Со мене е, веќе сме другачки. Само едно ми е непрежално: сама сум, без рожба и без ближни, и сама ќе заминам со неа во неврат.
Некој од збраните длабоко воздивна и рече:
-Судбина.
Слепата старица Искра:
-Некој рече судбина? Каква судбина?! Нема судбина! Не постои! Може да е пишано од Господа, тоа не знам…Без рожба сум, ама имав ближни. Имав, ги немам одамна. Си заминаа еден по еден, кој каде. Ме заборавија? И тоа не знам. Може да има некој што помислува на мене и се прашува дали сум уште жива…Судбина? Стара сум и во секојдневна дружба со Смртта, ама знам за неа како случај-се вели „Така сакала судбината“, и за животен пат и за иднина-„Мојата судбина“; и за помирливост со постојна ситуација-„Тој ѝ се препуштил на судбината“, и за неочекувано, ненајдено и необјасниво-„Иронија на судбината“. Суштината е во човекот, во неговото дејствување, создавање и во трагата на животот што ја остава зад себе. Јас ја оставам куќаркава и нејзиниов праг.
Некој од збраните со шепотлив глас:
-Таа не е и не може да е трага. По тебе скоро ќе падне, ќе се урне пред налетот на невремињата. Од неа нема да остане ни камен на камен.
Слепата старица Искра:
-Е, тоа е судбина која така сакала, која нема да биде моја, на која да знаете ни на оној свет нема да ѝ се препуштам и која е најмалку иронија. Затоа ве молам сите вас, кои во оваа квечер сте се збрале пред мојов праг, повеќе да не ми доаѓате. Сама сум, другачка ми е Смртта, па сакам да отидам во неврат без трага.
Збраните деца, средовечните мажи и жени и неколкутемина во длабока старост ја послушаа. Молчешкум се разотидоа. Остана само еден средовечен човек. Исправен пред прагот на нејзината куќарка, пред неа со крената глава. Ја гледаше со питом поглед, со сожалива искра во зениците. Ѝ рече на заминување:
-Искро, сакам да знаеш дека делиме иста судбина, иако сум далеку од твоите години. И јас сум без рожба и без ближни, и скоро сам ќе заминам со Смртта во неврат. Сепак, сè уште не ѝ се препупштам. Во право си дека суштината е во човекот, во неговото дејствување, создавање и во трагата на животот што ја остава зад себе. Моја трага е и долго ќе остане откриена во нечии идни времиња: зборот „Живеев!“ кој го изделкав на камен на врв планина. Да, како восклик.
Се сврте и се оддалечи со бавни ѕвонливи чекори. На полна месечина.