ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

37. Љубител на поезија

На промоција на нова стихозбирка на бележитиот поет Спасен Цветиноски, меѓу две песни читани од познатата млада артистка Стела Коронова, еден младич во публиката се јавува да праша:

-Господине Цветиноски, јас сум голем почитувач на Вашата поезија. Ја читам во секое мое лирско расположение. Одамна се подготвував за средба со Вас, па сакам да ја користам промоцијава на вашава најнова збирка, со според мене мошне провокативен наслов-„Интимни песни на славен поет“, за да Ве прашам: дали сметате дека поезијата отсекогаш била и е интимна, извира од најдлабокиот извор на поетовата интимност, но кога ќе излезе од него, кога тој ќе ја објави веќе не е негова, се оттуѓува од него, станува самобитна и подготвена да стане дел од интимниот свет на оној што ќе ја восприми некогаш, во некое време од неговото време?

Поетот видно се изненади од прашањето, го загледа младичот што го праша, се замисли некое време, па одговори:

-Морам да признам дека сум прилично изненаден од Вашево прашање. Признавам дека воопшто не го очекував. Човечката интимност и поезијата…поетовата интима во поезијата…интимен поетски свет…интимно воспримање на песната во некое време од личното…Драго ми е, искрено се радувам што ја читате мојата поезија во Ваше лирско расположение…Секако и друга, на други поети…Ќе се обидам да одговорам, но мислам дека секој поет би Ви дал различен одговор.

Всушност, одговорот, поточно неколку одговори може да најдете во мојава најнова стихозбирка. Впрочем, самиот наслов упатува токму на интимноста и поезијата…Да, секоја песна е дел од поетовиот интимен свет, но едновремено во секоја е еден цел негов интимен свет. Затворен. Тоа воопшто не е спорно…Според мене, поентата е дека секоја создадена песна, значи не мислам само на објавената, просто се откинува од интимата на поетот и се осамостојува…Да, точно рековте, се оттуѓува од него, станува самобитна…А дали е подготвена да стане дел од интимниот свет на оној што ја воспримил…Што знам…Мислам дека тоа воопшто не е важно…Единствено е важно дека ја воспримил.

Спасен Цветиноски го заврши одговорот со простосрдечна насмевка и му возврати со прашање.

-Задоволни сте од мојов одговор?

Младичот во публиката:

-Воопшто не сум! Но в ред…Да бидам искрен, не ни очекував…Благодарам што се потрудивте…Сакам да речам дека на секоја поезија, особено на Вашава најнова, не ѝ треба вечерашнава промоција. Освен…Да…Тоа е прифатливо…како свеченост, како славење на поезијата…Особено поезија на славен поет како Вас…Интимна песна, без оглед дали е голем или мал делот од интимата на поетот што таа го содржи…Да бидам докрај искрен, мислам дека нема врска…Стварно е глупаво сето тоа…Интимата на поетот и поезијата…Интимност на песната…Интимна песна…Благодарам на вниманието.

Бележитиот поет Спасен Цветиноски ѝ кимна со глава на артистката Стела Коронова и промоторот-литературниот критичар Добри Тврдиноски, како знак дека промоцијата треба да заврши. Стана и со ведар глас им се заблагодари на присутните за присуството, нагласувајќи дека средбата му значи како споделување на неговиот со нивните интимни светови.

Leave the first comment