29. Пламен низ пазарите на Бирмингем
Секакви секојдневни навики и задоволства на луѓето, најпрвин во зависност од приликите, ситуациите, собитијата, задоволствата и навиките. Некои кај некои дури предничат пред секојдневните обврски и задолженија. Сепак, доминантно е рамновесието меѓу нив, особено во модерните потрошувачки општества и развиените држави во светот. Мислењата на Пламен и Бисера во овој контекст одат во правец на наметната, ненадминлива, прифатлива и прилагодувачка состојба.
Несекојдневна и необична слабост има Пламен. На која лесно се има прилагодено Бисера, па и Апостол и Ѕвездана. Може да се назначи како несекојдневна и необична за семеен маж: прошетки низ пазаришта, трговски центри и потрошувачки квартови во големите градови. Без никаква конкретна потреба или намера. Просто бесцелна, како лунѕање. Што притоа особено го привлекува неговото внимание? Во не мала мера веќе разбирливи: нивното минато наспроти сегашноста и модерната организација односно функција, нивните почетоци и траења, нивното развивање, ширење или стеснување, како и менувањето на распоредите заедно со промените на обичаите и ритуалите на луѓето во нив. Токму Бирмингем е градот кој на Пламен досега најмногу му го понуди сето тоа.
Ѝ испрати подолга SMS порака на Бисера, придружена со неколку впечатливи фотографии:
„Полека ми станува навика најмалку еднаш во неделата сам да се шетам, поточно да лунѕам низ пазариштата на Бирмингем. Ти ја знаеш таа моја слабост. Ако скоро се случи да бидеме недела-две заедно овде, сама ќе се увериш дека и во овој град на нив има нешта што ги нема никаде на друго место. Ќе можеш и да купиш нешто раритетно за тебе и за дома…Почнувајќи од атмосферата, пулсот, расположбата на луѓето, па сè до содржината односно понудата буквално на сè и сешто; и замисливо и незамисливо. Она што го знаеш, што го пронајдовме и прочитавме заедно за Бирмингем на Интернет пред да ја почнеме нашата привремена разделба, е сосем малку во однос на непосредно доживеаното.
Се разбира, пред сè The Bullring. Тоа е историски трговски центар, во средниот век градски пазар за месо и добиток. Денешниот е огромен, во центарот на градот; со покриени центри, пространи пешачки области, како и сто и педесетина продавници и кафулиња. Доминира футуристички изградената стоковна куќа Selfridгes и Debenhams, двете нјаголеми во Велика Британија. Изгледа како вселенски брод. Базар без прозорци, покриен со илјадници сјајни алуминиумски дискови. Изгледа како да лебди над Бирмингем. Бронзениот бик е место за состаноци.
Многубројните етнички малцинства во Бирмингем, тие се 25 проценти од вкупното население, се „најочигледни“ на пазариштата, особено на познатото Birmingham Rag. Постојат три, издвоени еден од друг: затворено, со повеќе од 80 штандови, отворено, со 130 станбени штандови, и спомнатото Rag, со 350 штандови.
И при куса посета на Бирмингем непростливо е да не се посети Jewelery Quarter. Станува збор за стотици независни продавници на секаков накит и речиси четиристотини претпријатија што го произведуваат. Интересен податок: во овој кварт се дизајнираат и прават околу четириесет проценти од сиот накит што се продава во Велика Британија. Канцеларијата за тестирање злато, која ја дава оценката за неговиот кваалитет, е најпозната и најценета на светот.
Не го заборавам и Mailbox, најновиот, ексклузивен трговски центар. Тоа е „збирка“ на дизајнерски продавници, реконструиран дел од главното крајбрежје во близина на Gas Street, дел од каналот на Бирмингемскиот канал и Ворчестер“.
Пораката им ја испрати и на Апостол и Ѕвездана, со куса напомена:
„За мојата слабост, како мал потсетник што личи на прирачник. Дека сум слаб на зборови“.