СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 2 минути

27. Ѕвездана и Апостол сега

За Ѕвездана, веќе зрела девојка, нема апсолутно никакви тајни во музиката и во „нејзиниот“ ионструмент-пијаното. На кои им е целосно посветена, секој ден, неретко денови до длабоко во ноќи. Подготовки за настапи, но и секојдневно компонирање музички дела. На крајот е на првата година на Музичката академија. Очекувано, разбирливо: врвен студент.

Има свој изграден став за музиката; различен, па и спротивставен на ставови на многумина видни личности во минатото и денес.

Смета дека музиката не е најуниверзална уметност, чиј говор „ги обединува“ говорите на сите други уметности. Напротив, нејзиниот говор е специфичен и „личен“ односно „строго индивидуален“. Проблемот е во неговото препознавање и воспримање. Исто како говорите на другите уметности. Тоа најчесто го споредува со поезијата и сликарството: во поезијата музиката е нејзин „природен дел“ од говорот, сосе надворешниот и внатрешниот ритам, а и таа во неа се слуша и кога нејзиниот говор е „нем“, кога нејзините стихови се почеток, траење или крај на молчењето. Поезијата и музиката се најблиски во различноста кога се резултат на творечка, креативна игра; поезијата со зборовите, а музиката со просторноста и безвременоста. А токму просторноста и безвременоста се „заеднички именител“ на музиката и сликарството. Кога го објаснува тоа, Ѕвездана најмногу инсистира на апстрактното сликарство, кое за неа е и тоа како „конкретно“ односно „содржинско“, како и на музичките дела што се дел од него. Притоа го наведува музичкото дело пакет (или серијата, низата) и познатиот циклус минијатурни дела на пијано од Роберт Шуман под заеднички наслов „Карневал“. Често го изведува на своите концертни настапи. Исто така и прочуените „Слики на изложба“ од Модест Петрович Мусоргски, инспирирани од сликите на неговиот голем пријател-ликовниот уметник Виктор Хартман.

Се надева дека наскоро ќе го заврши своето најново дело: пакетот насловен „Камени реки“, инспирирано од неколку масла под наслов „Од извор до понирање“ на македонскиот млад, а веќе афирмиран апстрактен сликар Јордан Самоников. (Засега тајна: нејзина прва љубов.)

Апостол, скорашен компјутерџија-информатичар, најверојатно програмер со врвна цел-да стане софтверски девелопер, кому учењето во приватното средно училиште му оди како „подмачкано“ (веќе во трета година), речиси го изгуби интересот за гејмерството. Одвреме-навреме, но сè поретко игра некоја игра со неколкумина најдобри другари и соученици, со кои е на Интернет постојано „во контакт“, но само час-два; не како порано по цели денови. Очекувано? Вообичаено? За неговите професори и познавачите на „информатичкиот свет“ тоа не е никакво изненадување. Го толкуваат како фаза во „нормалниот развоен процес“ на секој иден компјутерџија, особено информатичар, пред сè програмер.

Тој е веќе мошне сериозно „навлезен“ во програмирањето. Заедно со тројца соученици и нивниот професор по програмирање Петар Жедовски работат на софтвер и апликација. Веќе ја минаа фазата на истражување и се длабоко навлезени во дизајнот на апликацијата и програмирањето (напоредно).

Апостол  сè повеќе и систематски (не само во рамките на училишните задачи и активности) навлегува во проблематиката на „девелоперството“. Од ден на ден сè повеќе се „загрева“ за девелопер на мобилни апликации.

Leave the first comment