ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

28. Млади и стари заедно

Во последно време сè поретко среќавам млади и стари заедно. Знам зошто: тоа е причина и последица на секидневното живуркање, но многу повеќе на опстојот во него. Затоа најмногу се радувам кога ќе ги видам заедно. Како групата на чекор пред мене, во квечерен час, на кејот со осветлена матна река.

Ѝ се доближив и ги начулив ушите да слушнам за што разговараа меѓусебно. Ме изненадија и младите и старите со долгите молчења, кусите прашања и спокојните, напати рамнодушни одговори. Од сите што ги начув, најмногу ме замисли прашањето и одговорот во врска со заедничката живеачка!

Еден од старите мажи, со исправена става:

-Зошто денес е просто невозможно во ист дом, во иста куќа, во ист стан да живеат заедно млади и стари?

Двајца-тројца, надополнувајќи се:

-Да не се лажеме и да не се занесуваме. Невозможно е зашто нема ништо заедничко меѓу нивните светови. Или има сосема малку и безначајно. Едно тоа, а друго затоа што сите губат од својата слобода. А и грижата за друг денес е голема, дури преголема и претешка. Некогаш е невозможна кога староста се живее во снеможеност и болештини.

Ме замислија прашањето и одговорот, но сепак се израдував што ги видов младите и старите заедно. Веќе кажав зошто.

Leave the first comment