СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 2 минути

20. Комедијанти

Од она за нив што е за паметење:

По повод Денот на знаењето и трудот театарот „Комедија“ реши премиерно да ја изведе трагикомедијата „Комедијанти“ на познатиот сатиричар Везенко Голтарски. Театарот реши да ја изведе бесплатно за театарската сала да се пополни до последното седиште. Истовремено беше овозможено народот да има можност да ја гледа на големи видео-бимови на скопскиот централен плоштад, како и на плоштадите во сите други општини на Скопје.

За паметење:

Сите во театарската сала, во средината на првиот ред на партерот Бисера и Пламен, облечени исто: во црвено-жолти костуми и здолништа, бели кошули и сини вратоврски.

За паметење:

Еден кловн со големи розови очила излегува пред спуштената завеса и во тишината просто одекнува неговата најава:

„Драги наши граѓани, селани, припадници на македонскиот народ и на малцинствата односно на деловите на други народи што живеат во оваа држава и ова општество,

Со трагикомедијата „Комедијанти“ нашиот театар ви го честита Денот на знаењето и трудот. Сакам  да истакнам една специфика, инаку специфична за секое големо дело: ако се гледа внимателно, се открива во сите детали. Само ќе нагласам дека претставата ја играме за ваше трагикомично расположение“.

Тешката сомотска кафена завеса се крева, а кловнот најавувач ја напушта сцената.

За паметење:

Почнува играта и глумата на глумците и глумиците во улоги на мафијаши, политиканти, бизнисмени, властодршци, партиски измеќари, подлизурковци и нивни водачи.

Шокантно и незаборавно:

Сцената без каква било кулиса. На средината говорница со микрофони, во бел рефлекторски круг.

Парадоксално:

Од почетокот до крајот на претставата ниеден од глумците и ниедна од глумиците не само што не застана на говорницата за да ѝ се обрати на публиката, да каже нешто трагикомично, туку никој  не прозборе ниту збор, ниту слога, ниту буква, ниту глас. Сите играа и глумеа во целосна немост.

Трагикомедијата заврши со длабок наклон на глумците и глумиците пред публиката.

Бисера и Пламен први излегоа од салата. Рамнодушни и очигледно незадоволни.

Leave the first comment