ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

27. Забрзаноста

-Да знаеш, од ден на ден сè повеќе ме загрижува забрзаноста на сè во овој наш животец,-ми вели средовечниот Глигор.

-Знам без ти да ми кажеш,-му велам.-И мене ме загрижува сè повеќе.

-А знаеш зошто е тоа? Зошто се случува?

Не му одговарам, чекам да си одговори самиот.

-Затоа што сè во него или обезвреднивме и обезвреднуваме или ни обезвреднија и ни обезвреднуваат. Овој наш животец е минлив како секој друг, како сечиј, не можеме ништо против тоа, но таа-забрзаноста најмногу иде од неговата материјализација.

Му велам:

-Ти како да ми ги читаш мислите. Истото го мислам.

Глигор продолжува:

-Кога велам материјализација, мисла  најпрвин на потрошувачкиот менталитет. Кој, пак, иде од простаклакот и духовниот провиницијализам.

Му забележувам:

-Не треба да обопштуваш. И тој, потрошувачкиот менталитет е индивидуален. Го забораваш упростувањето на животот, всушност неговото осиромашување, бедата.

Тој:

-Ништо јас не заборавам. Јас зборувам за забрзаноста. Од која произлегоа и произлегуваат секакви болештини, а најпрвин нетрпеливост меѓу луѓето.

Му го запирам забрзаниот чекор со прашање:

-Каде си се забрзал, Глигоре?

Глигор се сепнува, па се поднасмевнува и одговара на разделба:

-Знаеш, човек не може сосем да се издвои од средината во која живее. Успева да задржи понешто од своето, но едновремено мора да се адаптира на неа прифаќајќи ги суштествените содржини и форми на опстанокот…Брзам да не задоцнам на деловен состанок со претставници на неколку странски компании како мојата.

Доречувам:

-Така е, знам. Забрзаноста најмногу иде од катадневните обврски и индивидуалните амбиции.

Leave the first comment