23. Обично
На тој и таа им е обично сè секој ден и секоја ноќ. Ништо неочекувано, ненадејно, ништо вонредно, разнишувачко, пореметувачко. Сè многупати, со години доживувано, доживеано, одживеано и преживеано.
Можеби не би им било обично сè кога не би биле сами, без пород и род. Кога би имале макар еден ближен со кого да се слушнат, да се видат, да бидат заедно некое време. И ако во последниве година-две, особено во последно време еден по еден не им исчезнаа неколкутемина пријатели со кои споделуваа понекој час утрински, пладневен, вечерен, ноќен.
На тој и таа не само што им е обично сè, туку и чувствуваат како сè повеќе обичното им минува молчешкум.
Товарот на годините на тој и таа од ден на ден им станува сè потежок. Одвај се крепат меѓусебно. Тој има осумдесет и шест, а таа осумдесет и две години. Обајцата сè повеќе обневидуваат.