21. Неизлечиво болна
До вчера бев одвреме-навреме со Софија Цветановска. Почесто кога беше млада, девојка, една од најдобрите студентки на Филозофскиот факултет-просек чиста десетка, а сè поретко откако се омажи за Светомир Јанковски, му роди машко, па се разведе од него и сосем се посвети на себеси, на себедокажување.
Вчера се сретнавме во едно кафуле. Се израдувавме кога се видовме. Исто како во последно време, зборувавме малку, а молчевме многу.
Ми нагласи дека е многу насекирана поради сè што се случува и ѝ се случува. Немоќна е да смени што било зашто ништо не зависи од неа. А е сè понеснослива и неизлечивата болест во нејзините гради против која води жестока битка веќе цели четири години.
Додека сум жив ќе ѝ го паметам ова:
„Како може да биде утре подобро кога денес не е добро?! Прво треба да биде добро, а не е, ниту не може да биде! Ништо не чини…Значи, треба сè одново, сè од почеток. Да, треба, но со кого?…Пред бездна сме, сè посилно нè туркаат во неа. Ние веќе немаме сили да се опираме“.
Денеска разбрав дека утрово отишла во неврат.