9. Тежина на планина
Славе е човек планина. Од мене доречено: грамаден, извишен до небо, исправен, стамен, снажен, достоинствен. Накај два метра. Средовечен. Забележлив оддалеку, препознатлив одблизу, истакнат во толпа.
Славе е молчалив човек. Одвај некој збор да му извлечеш од уста. За што било. Најчесто повторува: „Нема лесен живот. Во секој тежина неспоредлива со друга. Секоја планина со своја тежина“.
Го догледувам напладне во паркчето спроти Театарот на комедијата, седнат на клупа нога преку нога. Му приоѓам, го прашувам дали можам да седнам до него; малку да се дружиме, да се запознаеме. Ме загледува, прифаќа со кимање со глава. Ми пружа рака насмевнат:
-Јас сум Славе. Попознат сум по прекарот „Човек планина“. Ми прилега, нели?
Расположен и насмевнат му ја прифаќам и му одговарам:
-Богами, баш си планина…Одамна сум те забележал како таков оддалеку, и сам и во толпа. Одамна сакам лично да те запознам…Јас сум Благој, од пред две ипол години пензиониран благајник во пропаднат текстилен комбинат.
Седнав на клупата, свртен кон него. Тој ми се претставува:
-Јас, пак, триесет и три години сум гимназиски професор по хемија. Самец сум…Не успеав да си најдам друшка по моја мера. А може и така да ми било пишано…Тоа ми е најголема животна тежина. Но…тоа е тоа. Секоја планина со своја тежина.
Јас:
-И самечкиот живот е живот. Како ќе си го стокмиш. Зошто тежина?
Молчи некое време како длабоко замислен, па одговара прашувајќи ме:
-И ти да не си самец? Ако не си, не знаеш.
Јас пак насмеан:
-Не сум. Имам жена, две ќерки, мажени, двајца внуци, од обете по еден…Сакав да речам дека и самечкиот живот може да се стокми убав, лесен, животворен…
Тој одречно и со повишен глас:
-Не може!…Не знаеш и не разбираш!…Семејството е богатство. Рожбата и потомството се прва смисла на животот…Самоста е многу тешка. Особено кога ѝ нема крај…Секоја планина со своја тежина…Си искачил во животот голема и стара планина?
Јас само:
-Не.
Тој продолжува:
-Претпоставував. Јас сум искачил многу и сум научил дека сечија тежина на планина е најголема во подножјето. Не на врвот. Со напластени времиња и премрежиња…А сум го открил и ова: на секоја ѝ е полесна ако до неа или во нејзина близина има макар уште една…Секоја планина со своја тежина.
Обајцата молчиме некое врама, па пак јас:
-Драго ми е што те запознав.
Тој:
-И мене.
Јас пред да се разделиме:
-Би сакал да се дружиме одвреме-навреме. Ќе се видиме пак?
Тој насмеан:
-Секако…Ми остануваш должен…Да ми ја раскажеш твојата тежина…Како планина.