8. Учени млади
Крсто Спирковски, дваесет и шестгодишен, е учен младич, електроинженер. Студиите ги заврши со највисоки оценки, просек чиста десетка. Од почеток до крај со голема надеж дека не само што за вработување ќе му бидат сите врати отворени, ќе биде баран, туку и ќе нема никакви пречки да продолжи да се усовршува, да продолжи да ги остварува своите амбиции, докажувањето и надградбата во избраната професија.
Со Софија Несторовска, дваесет и двегодишна, медицинска сестра вработена во Клиниката за радиотерапија и онкологија, се заедно уште од гимназиски денови. Веќе година ипол живеат во изнајмен еднособен стан. Договорени да стапат во брак и да почнат со создавање свое семејство следниот ден по неговото вработување.
Обајцата од ден на ден се сè поубедени дека во земјата, во нивната татковина за нив нема никаква перспектива! За него сè уште нема работа! Веќе го одбија на неколку конкурси со образложение дека не им треба толку учен, а и не можат да му овозможат натамошно усовршување во професијата. Таа, пак, не може ни да помисли да почне со остварување на својот сон-студии по медицина.
Како и многумина други млади, разочарани пред сè од докажувањето дека немаат никаква иднина без политика и политикантство, решија да ја напуштат земјата, својата татковина. Имаат уште осум дена до полетување кон прекуокеанска Австралија.