ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

7. Веќе го нема

Никој од нив не знае дали го нема од неодамна, од вчера или од денеска. Само знаат дека веќе го нема. Се случувало и порано да го нема некое време, тие да мислат дека го нема засекогаш, но ќе се појавел и ќе им се придружел во очекувано или неочекувано време. Сега веќе го нема, значи ќе го нема секогаш. Само за нив? Тие не знаат. Единствено важно им е дека веќе го нема. Кога и како го заклучија тоа?

Помина за нив прилично време откога го нема, не бил со нив, ниту им се јавил. Го бараа, прашуваа кај негови ближни и пријатели. Ги проверија сите места кај што знаел да се прибере, да се сокрие, да престојува одвреме-навреме сам; повеќе пати беа на нивните, заедничките, на кои се наоѓаа кога имаа некоја потреба да се соберат или просто да се дружат без никој да може да им се придружи.

Заклучија: веќе го нема зашто решил да го нема за секого. Вклучитено за нив, без оглед што знаеше да ги убеди дека не може без нив предолго, дека тие му се најблиски и најдраги. На никому од нив не му се јавуваше, а што инаку го правеше секогаш кога подолго не беше или не можеше да биде со нив.

Сега заклучуваат дека во последно време се однесуваше некако чудно, невообичаено: молчалив, замислен, тивок, повлечен во себе. И загрижен?

Сега заклучуваат дека во последно време беше блед во лицето, брчките на челото како да му стануваа сè подлабоки, а ги гледаше сè поотсутно. Но на секој што ќе го прашаше што му е, дали е сè в ред со него, тој се сепнуваше и им одговараше дека не му е ништо и нема никаков проблем. Му веруваа.

Веќе го нема. Тоа значи засекогаш? Да. Тоа значи дека го завршил земниот живот, се преселил во минливоста и заборавот, исчезнал во бескрајот. Тие не чуле, не разбрале? Можно е, но зошто?! Напротив, тие како негови најдобри секидневни пријатели би морале да го дознаат тоа меѓу први.

Во години се како и тој, а на нозе, уште исправени, уште со снага, па не е ништо чудно смртта да дојде неочекувано; како што доаѓа долго.

Веќе го нема. Очигледно, тој е првиот од нив, од сите што посакуваа одењето во неврат да им се случи ненајавено, незнајно; просто да го снема и веќе да го нема.

Му се лутат дека веќе го нема. Требаше барем ним да им каже дека ќе го снема и веќе ќе го нема. Се чувствуваа како изневерени од него, како за прв и последен пат да решил да се издели од нив. Дека успеал.

Leave the first comment