6. Во заветрина
Страхил подучува дека најважно за секој што во секакви несакани, непријатни, особено загрозувачки ситуации сака да остане свој на своето е да знае совреме да најде заветрина и совреме да се најдува во неа; затоа што сите ситуации идат од ветар и со ветар кој дува некое време, раздувува, развејува сè што ќе потфати, сè што ќе дофати, па сетне или најсетне се губи, заминува, го снемува.
Еднаш му се спротивставив:
-Не се согласувам сосем со ова твое подучување, Страхил. И не ти го прифаќам сосем. Дури мислам дека тоа ти е некаква самозаштита, самоодбрана. В ред е совреме да најдеш заветрина за себе за совреме да се најдеш во неа, ама не за да бидеш настрана од собитија кои се однесуваат на суштествено во животот и работата; значи и на тебе. Особено ако со личен ангажман, знаење и искуство можеш да помогнеш тие да се совладаат, надминат или подобрат. Заветрина е за силен ветар.
Ми се спротивстави одлучно и беспоговорно:
-Твој проблем е што сосем не се согласуваш и сосем не прифаќаш. Јас не подучувам такви како тебе; со целосна предаденост на работата, на она што го создаваш, а притоа на сметка на твоето, личното, на она што зависи само од тебе. Не ни помислувам да те убедувам дека во заветрина човек не бидува само кога дува каков годе ветар, со какви било собитија, а особено кога ненадејно ќе навали ветар на промени. Тогаш бидува најретко во неа. Тебе те знам и многумина те научија дека се оддаваш на моментно нешто сè до друго нешто. Притоа, дури сосем запоставувајќи го твоето, личното, што те исполнува целосно. Моето подучување за во заветрина најмногу се однесува на долготрајните ветришта на промените, на пример, и со најмали и најмалку последици. На пример, кога е збор за работата со која си обезбедуваш егзистенција и творештвото на кое си предаден. Работиш колку да сработиш, па тргај се, бегај во својата заветрина. За да имаш доволно и време и енергија за творење.
Страхил со време стана признаен и виден творец. Според мене, сосем незаслужено. Не знам како.
Не сум само јас што го среќавам ретко. Ретки се оние со кои се дружи често. Особено во последно време, откога се раздуваа силни ветришта на промени кои бараат силни лични ангажмани, целосни оддадености. Просто не излегувал од својата заветрина.