НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

42. Видете како

Сè на виделина,
а како прикриено,
а како задскриено,
а како недокриено,
а вешто сокриено
за оние што мора
молчешкум
да прифатат дека
мора да биде како
слободно заробена
исконска питомина
среде дивина.

Сè на виделина,
па вие во неа
со корени живи
до длабоки извори,
вековити, жизнени,
со длабоки траги
на мисла слободна,
брановита,
видете како сами
ќе продолжите
со дела
да се иззвишувате
до нескротливи
простори сончеви
и времиња плодни.

Leave the first comment