Потребно време за читање: 3 минути

42.

Во ниедно доба на изминатата ноќ, час ипол по полноќ, во мојот агол на мојот и семеен гроб ненадејно со глас ми дојде, како да ми долета од Плет мојата Јасна од Спасе. Постави меѓу нас чудно направена фигура, како човек во природна големина, обвиена со црн најлон.

Возбудено, дури жизнерадосно, па и по малку победоносно речиси без здив рече:

-Ристо мој од Петар,ти долетав со глас зашто не можам да издржам, а да не ти кажам дека успеав!…И сама на себеси не можам да се изначудам колку лесно и брзо ми успеа…Како да ми падна камен од срце…Од љубов и со љубов е, да знаеш.

Јас ја гледав нȇмо некое време. Ова и вака ѝ е првпат да ми дојде. Признавам, никогаш не ми била, не ми се видела толку убава. Ја прашав одвај соземен:

-А што тоа, Јасна моја од Спасе?

Ми одговори восхитено:

-Успеав да те извајам невидлив! Конечно те извајав како душа!

Успеав да изустам:

-Молам?!

Јасна од Спасе:

-Не ме слушна? Те извајав како невидлив. Душа!…На твојата изложба ќе можеш да бидеш присутен и мртов како жив и како мртов, а жив.

Јас пак одвај соземен:

-Си ме извајала? Во што? Во камен? Во мрамор? Во дрво? Во железо? Можеби во сè тоа, измешано, едно на друго, едно по друго?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Таа:

-Конечно сфаќаш и прифаќаш, Ристо мој од Петар. Те извајав во сè тоа! Цел, во природна големина, како човек и сликар. Возвишен!

Го испокина најлонот и пред мене се појавив јас извајан.

Јас, Ристо од Петар:

-И сакаш да се изложам со него ваков на мојата изложба, меѓу моите невидливи слики?!

Таа:

-Не меѓу, туку на почетокот, на влезот на галеријата. Никој посетител да не може да те одмине, а да не подзастане, да те загледа, па да почне да ги гледа сликите. Може и да размени со тебе понекој збор за нив.

Си признав на себеси дека ми се допадна нејзиното вајарско дело, сосе идејата и целта. Побарав да ми објасни:

-Добро, ти честитам. Но, како тоа јас душа и едновремено мртов како жив и како мртов, а жив, па уште невидлив?

Таа веднаш, без ни мигум да се замисли:

-Го знам твојот амбивалентен однос спрема душата. Дека таа постои во човекот додека е жив и продолжува да живее без него кога ќе умре. Не прифаќаш дека ти како дамна мртов си душа зашто само како душа можеш да бидеш мртов како жив и да си со живи. Еве, јас сум со тебе жива исто како кога беше ти жив пред дамна мртов. Зашто за мене си душа…Многупати си ми докажувал дека живи луѓе не можат да создаваат невидливи дела за живи. Те извајав за конечно да ти докажам дека можат. И ќе ти речам: ова е мое највредно вајарско дело…Знаеш која е врската меѓу душата и телото, животот како живот, како смрт и смртта како живот? Знаеш, ама како да забораваш: непорочната љубов.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ѝ противреков:

-Ти добро знаеш зошто ми е односот спрема душата амбивалентен. Дури научно се докажа дека таа постои во човекот додека е жив. Му дава да дише, да живее. Научници открија дека се наоѓа во мозокот на човекот како енергија, а по неговата смрт продолжува да живее во универзумот. Значи, смртта не постои. Пресметале и дека душата е тешка 0,01 грам…Не, не ја заборавам непорочната љубов. Па моево приклучение е за неа, со неа и во неа!…Но, од друга страна и ти како јас ја знаеш Христовата изјава за душата: „Синот човечки не дојде да му служат, туку Тој да служи и да ја даде својата душа за откуп на мнозина“. Значи, Христос на крстот ја положил, ја дал, ја жртвувал својата душа. Бидејќи верата учи дека крвта е душата односно душата е крвта, на крстот умрела неговата душа. Тоа значи дека Христос во себе немал бесмртна душа. Имал еднаква човечка природа како и секој човек на овој свет: имал човечко тело и човечка душа. Следствено, Тој во себе немал и луѓето во себе немаат бесмртна душа!

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јасна од Спасе:

-Знам, ти го прифаќаш и едното и другото. Знам и дека кулимнацијата на твоето приклучение ќе се случи токму на изложбата на твоите невидливи дела. А во врска со непорочната љубов…Сè уште се сомневам дека ќе успееш да ја насликаш иста како на изгореното платно што го создаде пред твојата смрт. Моево вајарско дело го создадов и за да ти помогне во тоа….Бидејќи не можам, а и не сакам да останам со тебе во гробов до денот на отворањето. Во Плет ме чекаат мирот и самоста…Веќе ти кажав дека здравјето ми е прилично нарушено, па нема да чекаш уште долго да ја продолжиме љубовта мртви.

Јасна од Спасе замина, а јас долго се гледав себеси невидлив, како човек и сликар извајан во природна големина, од камен, мрамор, дрво и железо. Измешани, едно на друго и едно по друго. Потоа продолжив да ја сликам непорочната љубов на невидливото платно шест метри долго и четири метри широко.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here