Потребно време за читање: 6 минути

8. 3. Семејно радио

Овој тип радио е најприсутен во развиениот свет, но не и кај нас. Не само затоа што е „најопшт“, во смисла на еднаква застапеност на сите четири главни елементи на радиото на современата модерност, туку и поради фактот што слушателскиот аудиториум е најширок-ги опфаќа сите генерации; ја третира сета комплексност на животот, на неговата вредност и минливост. Од друга страна, токму таквата комплексност инсистира на разновидна и мошне темелна програмска структура-концепција која мора да задоволи различни интереси, мора да го „покрива“ тоталитетот на животот. Што, пак, претпоставува мобилизација на различен кадровски потенцијал, инсистира на конзистентна програмско-уредувачка политика и јасно дефинирана развојна стратегија и тактика.

Семејството како основна општествена единица чиј темел е заедничкиот живот, во кое се поврзани биолошко-репродуктивните, економско-социјалните, воспитно-културните и многу други функции, најнапред има утврдени ритам и динамика на животот на кои им се подредени активностите на сите членови. Односите помеѓу нив се потпираат во еден дел врз традицијата, во друг врз културните стандарди, а во трет врз општествениот статус и улога на секој член. Бидејќи семејството вообичаено се состои од два, три и повеќе члена од различни возрасти-припадници на повеќе генерации, нужно е тоа да се разгледува и како целина и како „збир на индивидуи“, значи да се имаат предвид заедничките, но и индивидуалните потреби, барања и интереси. Вредноста на семејниот живот се искажува преку воспоставните односи, но и во комуникацијата со надворешниот свет. Секое нарушување на тие односи претставува дисконтинуитет на секојдневниот живот, а во одделни случаи и негова деструкција. Особено кога влијанијата однадвор се „испуштаат од контрола“, кога стануваат доминанти во материјална и духовна смисла.

Имено, семејниот круг никогаш не е затворен. Кога би бил тоа, би ја изгубил пред сè социјалната функција, па воспоставувањето на рамнотежа-равенство помеѓу надворешниот и внатрешниот свет е примарна задача. Секој член на семејството учествува, според можностите и физичко-интелектуалниот потенцијал, во градењето на систем на вредности, на стабилен „ред и поредок“. На вредносен систем кој овозможува селекција, прифаќање на она што ги збогатува и отфрлање на сè она што ги осиромашува животот и времето. Тоа мошне илустративно се покажува на планот на меѓугенерациските разбирања и недоразбирања-конфликти: повозрасните-постарите членови повеќе се придржуваат на веќе воспоставените норми, а променливоста и темпераментот повеќе им се својствени на помладите. Сосема нормално, со оглед на фактот дека зрелоста на годините многу потешко се прилагодува на какви било промени, а, пак, зреењето на годините е процес кој соодветствува на динамиката на самото живеење, на совремието, на стандардот чија менливост или го придвижува светот напред или го деструира. Генерирачкото многу повеќе се поврзува со биолошката и социо-психолошката конституција на човекот, отколку со изминатото време од животот.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во наши услови рамноправноста помеѓу половите, помеѓу мажот и жената, сè уште не ги следат радикалните промени што се случуваат во општествените односи, особено во економско-социјалната сфера (транзиција, раслојување, прифаќање на стандардите од развиениот свет), па сите членови на семејството доживуваат и преживуваат драматични, дури травматски промени и на индвидивуален и на колективен план. Семејниот круг од една страна сè повеќе се затвора однатре, во себе, а од друга се отвора, се „растура“ , е загрозено неговото опстојување.

Социолозите искажуваат загриженост за опстојувањето на семејството како темелна општествена заедница. Анализирајќи ги факторите-причините и последиците што го предизвикуваат тој процес, тие најчесто ја акцентираат борбата за егзистенција, за зачувување на достигнатиот животен стандард, борбата за повисок степен на квалитет на животот, како и раслојувањето во општеството. Процесот на индивидуализација на свеста и на индивидуалното осамостојување ги изделуваат како исто така мошне значајни феномени на современото живење. Поместувањето на меѓугенерациските граници ги премостува разликите помеѓу младите и старите, но едновремено создава тешкотии во меѓусебното прилагодување и комуницирање. Материјализацијата на животот, неговото техницизирање ја дехуманизира личноста и во рамките на семејството.

Наведените и низа други процеси и проблеми што влијаат врз хомогеноста на семејството дејствуваат дезинтегративно, ја иницираат потребата од семејно радио во радиодифузниот простор; и тоа како „дежурно“, активно и активистичко, во најголема мера отворено-контактно (интерактивно).

Со афирмацијата на позитивните придобивки од семејниот живот, на неговите вредности и квалитети, всушност се врши една мошне значајна функција во насока на демократизација на општеството воопшто, на градење на личноста и потврда на нејзината индивидуалност, на нејзиниот интегритет. За нејзината социјализација не треба многу да се говори, а семејното радио токму на тој план може да постигне извонредни резултати.

Кои претпоставки треба да бидат исполнети за едно современо-модерно радио да добие атрибут на семејно?

Не навлегувајќи во детали, ќе приведам некои основни, со посебен акцент на содржините што треба да се реализираат во рамките на програмската шема, потоа на ангажирањето на новинарскиот потенцијал, како и мошне значајната соработка со надворешни стручни лица од најразлични области.

Главна карактеристика на семејното радио е содржинската разновидност и формалното богатство. Првата има за цел да задоволи различни потреби, барања и интереси, на слушатели од различни генерации, а втората да ја одрази динамиката на различното разбирање на животот, да го одрази восприемањето на животните текови и случувања, да ги изрази тенденциите на современоста. Тоа значи различно дизајнирање на одделни програмски сегменти наменети за различни категории слушатели.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Од друга страна, содржинската разновидност бара различен новинарски пристап во обработката на темите и проблемите, прилагодување на психо-физичките конституенти и интелектуалните способности, но и соодветен стил на изразување.

На пример, програма, емисија или рубрика за младите се лоцира на проблемите од секојдневјето на младиот човек, на неговото разбирање на светот што го опкружува и неговата улога во него. Спротивно, во оние наменети за слушатели од третото доба (-пензионерите) повеќе се застапени теми и проблеми од социјален и егзистенцијален карактер. Целта не се постигнува доколку програми, емисии и рубрики од првиот тип подготвуваат-реализираат искусни,, „возрасни“ новинари, се разбира и доколку оние од вториот тип подготвуваат-реализираат млади новинарски кадри.

Се случуваат недоразбирања, погрешни толкувања и заклучоци, па и сосема противречни ставови, без темелност и аналитичност. Се разбира, разграничувањето во таа смисла не е и не може да биде драстично (во преден план е тоталитетот на животот), но во рамките на програмско-уредувачката политика на семејното радио за тоа треба постојано да се води сметка. До исти или слични резултати се доаѓа и при непочитување на формалното разликување, односно богатство. Имено, програмите, емисиите и рубриките наменети за младите имаат многу подинамичен радио-дизајн (во сета негова комплексност) од оние наменети за слушателите од третото доба. Тие, пак, имаат многу поспокоен тек, ритам и радио-израз.

Потребна е способност и стручност не само за да се разграничат наведените разлики, туку истите да се инкорпорирани, вклопени во програмската целина (да се осмислат и внимателно да се реализираат „врзовните ткива“-програми, емисии и рубрики од заеднички интерес).

За програмската шема на семејното радио е карактеристична прецизност и нефлексибилност. Тоа значи непроменливост во однос на временските одредници и во однос на структурата на одделните сегменти. Исто како и „распоредот“ на семејното живеење кој е непроменлив во подолг период, а го нарушуваат порадикални промени (негово „ширење“, напуштање на одделни членови или „збогатување“ со нови и сл.).

Таа-програмската шема претставува на еден начин часовник и барометар на семејниот ритам. Во неа со подеднаква застапеност, како што веќе нагласив, се вградени и едукативно-образовни, информативно-контактни и забавно-рекреативни елементи. Подеднакво значење има музиката која во ниеден момент не треба да има жанровска доминантност. Оттука, таа не може да го одбегне принципот на сегментација-рубрицирање и е речиси невозможно да се постави врз основа на поголеми просторно-временски програмски појаси (како, на пример, кај едукативното и информативното радио).

Исто така е мошне важен и именувачкиот елемент-именувањето на програмите, емисиите и рубриките, кое не само што треба да ја објаснува општата проблематика, туку и да ги назначува одделните содржини.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Кои содржини на семејното радио?

Веќе нагласив најразлични, за сите возрасни категории. За семејното радио е можеби најпрецизна популарната синтагма „радио за слушатели помеѓу 7 и 107 години“, а што опфаќа: информативни содржини-за збиднувања од светот, непосредното опкружување, домашната сцена, но и за семејни настани; едукативно-културно-образовни (системот на воспитанието и образованието, процесите и проблемите во него, резултатите и секојдневните манифестации); организацијата на работното-творечкото и слободното време; културниот живот; потоа прашања и проблеми од економско-социјалната сфера, стандардот, традициите и современиот-модерниот живот итн.

Со други зборови, семејното радио во рамките на својот „дневен ритам“ треба да го одразува и изразува тоталитетот на животот, се разбира доколку пледира на предзнакот радио на современата модерност.

Што се случува со соработката со стручни лица од најразлични области-ангажирањето на надворешни соработници? Тоа го издвојувам како мошне важна „компонента“.

Всушност, тоа е дел од тн. сервисно-услужно радио (што ќе биде елабоирано во посебно поглавје), што значи дека и тоа треба во еден дел да биде вградено во рамките на семејното радио. Станува збор за емисии и рубрики (не и програми) од советодавен карактер (лекарски, правни и други совети). Претпоставена е стручноста и компетентноста за нив, па оттука и потребата од пошироко ангажирање на такви личности, афирмирани во своите области (што му дава повисок рејтинг на радиото). Комуникациската функција на семејното радио, освен во тн. забавно-рекреативен програмски дел, најмногу се остварува токму во рамките на таквиот тип емисии и рубрики; како директната-непосредната, исто така и индиректната-посредната. Ангажираните стручни и компетентни лица се гости во емисијата или рубриката, а не нивни автори (што често се случува, па не се постигнува основната програмска цел). Важно е да се напомне дека треба да се настојува да бидат опфатени што е можно повеќе области, односно сите со групирање на слични.

Се обидов накусо и што е можно поконкретно да ја прикажам сложеноста и амбициозноста во „правењето“ семејно радио, но и неговата вредност. Притоа, мислам дека тоа е можно многу повеќе како приватно-независно-комерцијално радио (и ТВ), особено имајќи ги предвид комерцијалните ефекти (висока профитабилност), отколку во рамките на поголеми радиодифузни системи.

Семејното радио најмногу е наменето за масовната публика, но едновремено и на индивидуалниот слушател, од различни социјални и културно-образовни категории. Меѓутоа, барањата што се поставуваат, од материјално-финансиски, техничко-технолошки до организационо кадровски и програмски, претпоставуваат високи стандарди и развиен медиумски-радиодифузен простор.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here