Потребно време за читање: 6 минути

7. Други функции на радиото

Иако четирите основни функции на современото-модерното радио, за кои се залага Харолд Менделсон: утилитаристичко информирање и вести, активен забавувач, психолошко ослободување и функција на пријателско другарување, на директен или индиректен начин ги обработив во досегашните единици односно есеи, за нивно издвојување како „други“ имам оправдани причини. Најнапред, тие имаат општ, универзален карактер, но и посочуваат на уште некои нови димензии на современата-модерната радио програма. Накусо за нив.

Утилитаристичкото информирање и вестите имаат пред сè етичка димензија. Всушност, станува збор за двоен утилатиризам: индивидуален и социјален (поединечен и во рамките на целината-на социјалната групација). Ваквото информирање од една страна штити одредени интереси и во однос на индивидуата и во однос на колективот, а од друга ги задоволува интересите, па и потребите на слушателите.

Тргнувајќи од корисноста, употребливоста на информацијата и веста, од нивната целисходност, се воспоставува и специфичен програмски однос во комуникацијата. Бидејќи радиото на современата модерност настојува во секој сегмент да биде радио за секого и во тие рамки радио за сите (индивидуално и колективно слушање-како група на слушатели со свој индивидуалитет), се подразбира дека во рамките на неговиот информативен сегмент треба да бидат вградени и индивидуалниот и социјалниот утилитаризам. Меѓутоа, секогаш треба да се има предвид основното разграничување што го прави филозофијата: помеѓу утилитаризмот како принцип на објаснување и толкување на човечките дејствија и мотивите за нив кои произлегуваат од стремежот за поединечна или општа корисност, како и утилитаризмот во етичка односно морална норма, принцип, вреднување. Општествено-историскиот и смислениот принцип, пак, им е заеднички: корисност.

М. Миленковиќ во својата книга „Веродостојно радио“1) информативните задачи на современото-модерното радио, сфатени во потесна односно понепосредна смисла, ги разгледува во рамките на „дилемите на денешното и утрешното радио“, во третата група назначена како „структурно-програмски дилеми“. Притоа ја поставува следната дилема: дали радиото треба да настојува да пласира што е можно повеќе информации или факти, мислења и ставови или, пак, секогаш треба да афирмира селективност со „повторување на најважните пораки и по неколку пати“? Претоставувам дека ја има предвид токму функцијата на утилитаристичко информирање, бидејќи со право се определува за неопходна селективност и повторување на најпотребните информации во разни програмски периоди од дневниот циклус.

За да се постават вистинската димензија и значењето на информативната функција на современото-модерното радио, треба секогаш да се поаѓа од основното разграничување на процесот на информирање од процесот на комуницирање. Односно дека станува збор за различни феномени или процеси.

Имено, информирањето е еднонасочно пренесување на одредени информации, мсовно или поединечно (интерперсонално) од комуникаторот до приемачот. Значи, односот помеѓу комуникаторот и рецепиентот е еднонасочен, а за рецепиентот пасивен, без интеракција, без реципрочен однос. Нешто што може лесно да се забележи во информативните емисии од „класичен“ тип: активноста на комуникаторот е поинаква од онаа на рецепиентот. Тој се ангажира да ја предвиди или разбере корисноста на информацијата за слушателот, да ја селектира објективирајќи го субјективниот критериум, кој се валоризира по „извршената задача“. На тој начин тој најнепосредно врши влијание врз него, ги формира неговите ставови, неговите критериуми, му нуди аргументи за употреба и, во најопшта смисла, го формира јавното мислење.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Од друга страна, рецепиентот/приемачот/слушателот се однесува пасивно или индиферентно спрема пласираните информации, а може и да реагира содветно на нив, да биде поттикнат на размислување и барање на додатни информации за зацврстување на сопствените мислења и ставови. Реакцијата на рецепиентот не му е позната на комуникаторот, па од тоа произлегува и основниот нереализиран ефект на процесот на информирањето: не се врши двонасочна размена на информации, помеѓу комуникаторот и рецепиентот.

Тоа го нуди процесот на комуницирањето затоа што според својата природа е двонасочен: не само што се врши непосредна размена на информации, туку и се реагира на примената информација преку повратна врска (feedback), со што се обезбедува функцијата на комуникацијата. А дека процесот на комуницирањето е базичен однос на човековиот живот и секојдневна активност; дека станува збор за еден постојано активен однос на луѓето во размената на идеи, ставови, мислења, содржини, пораки итн.; дека тој-процесот на комуницирање е основ за успешно деловно раководење (претприемништво и менаџерство), за успешно остварување на поставените цели во процесот на производството и размената; дека без маркетинг комуницирање не е можно да се постигнат долгорочни ефекти,-може да се прочита во секој учебник од областа на психологијата, социологијата, економијата, менаџментот, маркетингот, комуникациите.

Изнесувајќи некои релевантни ставови за просторната и временската димензија на меѓународното комуницирање, М. Радојковиќ, меѓу другото, истакнува:

„И покрај тешкотиите на кои наидува секој обид за омеѓување на комуникацискиот процес, постојат некои генерализации засновани врз искуствата на многубројни повторувања. Забележано е дека со секој посебен вид од лепезата на општественото комуницирање кои, исто така, имаат сопствен историски развој, сè повеќе се освојувал комуникациониот простор- односно просторот освоен со комуникацијата. На современиот степен од цивилизацискиот развој тој во најголема мера му е подреден на човекот… Просторот во врска со формите на општественото комуницирање, просторот кој со нив е освоен, може да се претстави како неколку концентрични кругови.

Централниот и наедно најмал просторен круг е исполнет со интерперсонален вид на комуницирање. Тоа е метафизички простор во границите на една личност, во кој свесното битие само создава и праќа творби на својот ум. Интерперсоналното комуницирање, како содржина на наредниот концентичен круг, навлегува веќе во поширокиот-физичкиот простор. Идеите, културните творби, симболите и информациите се пренесуваат главно низ стеснето, емпириски надгледувано милје на учесниците во таквиот вид на комуницирање (интерперсонално). Меѓутоа, понекогаш… со таквиот вид на комуницирање биле достасувани и мошне оддалечени приемачи. Еден број на поединци затоа и означивме како актери на преминот од првобитното комуницирање на народите на примитивно меѓународно комуницирање…

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Најширок комуникационен простор, и во психолошка и во физичка смисла, зазема масовниот вид на општествено комуницирање. Затоа нему му припаѓа следниот, уште поголем концентричен круг во нашата претстава. Со усовршувањето на средствата за пренос на идеи, културни творби, симболи и информации,тоа е во состојба целосно да ги достаса приемачите во рамките не една национална држава. Тоа е и целта која пред масовното комуницирање ја поставува државата, и повод за негово институционализирање низ информационо-комуникационен систем.

Меѓутоа, со масовното комуницирање кругот на вистинските и потенцијалните приемачи се проширил надвор од геополитичките граници на едно општество. Поради тоа, масовниот вид на комуницирање, од сопственото настанување, непрекинато ги поместува границите на со него пополнетиот комуникационен простор.

(…)

Отворените комуникациони канали-радиото и телелизијата-придонесоа многу повеќе за надминување на светскиот комуникационен простор. Користејќи ја најнапред мрежата на примопредаватели на земјата, а потоа и телекомуникационите системи, тие ги елиминираат некогаш многубројните пречки за дифузија на информациите. Идеите, културните творби, симболите и информациите носени со електромагнетните бранови лесно ги пречекоруваат сите физички, географски и политички бариери на современиот свет.

(…)

Временската димензија во меѓународното комуницирање се испитува поради одредување на брзината со која идејата, културното добро, симболот или информацијата достасале до приемачот. Временската димензија поседува свои мерливи, како и одредени психолошки граници. На неа во меѓународното комуницирање гледаме како на исказ на организациона основа на тој процес, бидејќи одмерувањето на времето воопшто пред сè служи за координација на човековите дејности.

(…)

Со оглед на специфичноста на одделните видови на општествено комуницирање, можат освен просторните да се забележат и разлики во нивната временска димензија. Во најкусо време, ако така воопшто може да се каже, се врши интерперсоналното комуницирање. Дури и насочувањето на свеста кон мерило со кое го одредуваме времето е еден чин на таквото комуницирање внатре во личноста. Инерперсоналниот и групниот вид на комуницирање траеле, и денес траат, многу подолго-тоест се многу побавни. Само информациите од исклучителна важност можат за мошне кусо време да прострујат во целото современо, просторно општество со интерперсонално или групно комуницирање. Масовното комуницирање во однос на временската димензија се покажува во два вида. Постарото срдство на пренос-печатот-користи подолго време за вршење на дифузија на пораката (информацијата). Таа ја следи универзалната конвенција за пресметување на времето, па така постои дневен, неделен, месечен и др. печат. Електронските комуникациони канали покажуваат тенденција кон „стегнување“ на времето потребно за пренос на идеите, културните творби, симболите и информациите.Тие својата работа на дифузијата сега ја вршат така речи моментно, и со тоа процесот на комуницирањето, без оглед на дистанцата, го забрзуваат колку и самото интерперсонално комуницирање“2).

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Приведувам и дел од искажувањето на Џозеф Клапер за ефектите на масовната комуникација:

„Масовните медиуми можат да имаат ефекти во различни неполитички домени, иако тоа сè уште не е документирано. Ние исто така алудиравме на можната врска помеѓу масовните медиуми и културните вредности. За да се навлезе подлабоко во овој проблем, може да се претпостави дека медиумите играат особено значајна улога во социјализацијата на децата. Ваквите студии за децата… ги земаат предвид децата од пет или повеќе години, и се задржуваат на високо специфичните ставови на моделите на однесувањето. Но до кој степен медиумите ги структуираат, дури и за помладите деца, општеството и кулурата во кои тие владеат? Влијанието на медиумите во оваа смисла е, без сомнение, модифицирано од влијанието на семејството, училиштето и од другите гупи. Улогата и ефектите на медиумите во социјализацијата на детето можеби не мора веќе да бидат точно определени, но треба да се направи концепт за нивниот можен опфат, со извршување на ментални експерименти за процесот на социјализацијата што се случува во општеството во кое не постои масовен медиум. Нашето знаење за култуата од предмедиумските години претпоставува дека сегашниот општествен систем и сегашната култура се барем делумно продукт на постоењето на масовното комуницирање, од кое може да зависи и нивното натамошно постоење.

Исто така, може да се заклучи дека некои функции на масовната комуникација, можеби индиректно или по определено време, можат да имаат ефекти како врз публиката како индивидуа, така и врз интегралните елементи на општествената структура”3).

Во трудот на Д-р Ристо Кавај „Маркетинг комуницирање“ се анализира токму суштината на овој вид на комуницирање:

„Маркетинг комуницирањето излегува од рамките на комерцијалната комуникација. Неговото влијание врз вкупниот општествен комуникативен етер останува доминантно. Тоа игра видна улога во процесот на комуникацијата на човекот со сопствената средина, што всушност претставува комуницирање на идеи, ставови или ментално-психолошки реакции на дадените општествени состојби, на општествените проблеми и на начинот на нивното решавање. (…)

Определбата за аналитички приод во одредувањето на содржините на МК (-маркетинг комуницирање-Љ.Д.) не нè ослободува од обврската да дадеме и дефиниција на поимот маркетинг комуницирање. Според изнесените содржини, поимот маркетинг комуницирање би можел да се дефинира како процес на информативен дијалог помеѓу претпријатијата и јавноста за реализација на поставените маркетинг цели”4)

Конкретизацијата на наведените функции на радиото на современата модерност нè упатува на некои негови особености што во практиката се идентификуваат како посебни типови на радија кои, од друга страна, не можат да се наредат во вообичаената типологизација со оглед на нивната „општост“.

_______________

1) Цит. дело

2) Miroljub Radojkovič: „Međunarodno komuniciranje“, Beograd, 1987

3) Џозеф Клапер: „Ефектите на масовната комуникација“, Трета програма, Радио Скопје, 1989

4) Д-р Ристо Кавај „Маркетинг комуницирање“, Скопје, 1991

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here