Каде е роден Чарли Чаплин?

Потребно време за читање: 2 минути

Иако жителите на Лондон со гордост истакнуваат дека Чарли Чаплин е роден токму во нивниот град, неодамна откриени документи покажуваат дека славниот комичар во дамнешната 1889. година најверојатно е роден во патувачки ромски карван, далеку од Лондон.

-Во 1981. година сер Ралф Ричардсон во Лондон ја откри статуата на Чарли Чаплин, дело на уметникот Џон Даблдеј. Фактот дека една од најзначајните личности од светот на филмот е родена во нивниот град е секако нешто со што со право треба се гордеат Лондончани. Поради тоа и воопшто не чуди што веста оти Чаплин сепак не е дете на лондонските улици поприлично ги „затресе“.

Мистеријата на Чаплиновото раѓање ќе биде делумно разрешена кога на 21. февруари на радиото Би- Би- Си ќе биде емитувана емисија која открива нови детали од Чаплиновиот живот. Авторот Метју Свит го посетил семејниот дом на Чаплин во Швајцарија, каде што нашол бројни документи и снимки кои до сега не и биле познати на јавноста. Разни писма, исечоци од весници, како и снимка на Чаплин како свири клавир до сега биле во посед на Чаплиновиот син Мајкл.

Сепак, Свитовото внимание најмногу го привлекло едно писмо кое на Чаплин му го испратил некој си Џек Хил, кој во 70-тите години на минатиот век живеел во Стафордшир. Во него тој наведува дека Чаплин е роднина на жена која е позната како Кралица на Ромите (The Gypsy Queen). Таа извесно време живеела со карван во гратчето Сметвик, близу до Бирмингем, и според Хиловите сознанија Чаплин е роден токму таму.

Метју Свит за „Гардијан“ изјавил дека Чаплиновиот син Мајкл смета оти писмото е веројатно вистинито:

„Идејата за преправање на историјата на семејството Чаплин не го уплашила Мајкл. Ми рече дека смета оти писмото мошне многу му значело на неговиот татко, зашто не постои друга причина поради која Чарли би го чувал толку години“.

Кршталното свидетелство на Чарли Чаплин никогаш не е пронајдено. Неговата мајка Хана, чие моминско презиме е Хил, е по потекло од карванско семејство. Во текот на 80-тите години на 19. век во приградските индустриски населби на Бирмингем била мошне значајна ромската заедница „Black Patch“, па е можно и самиот Чаплин да е од ромско потекло, смета Свит.

https://www.youtube.com/watch?v=HA68Hzc1o20

Leave the first comment