Потребно време за читање: 2 минути

155. Аманет на Јас книжевник и Јас обичен смртник

Помислувам на смртта? Сè почесто. На неа мислам и сè повеќе. Не поради моите години, ами зашто во нашево време стана честа, а во моево сè почеста. И веќе не како дел од секидневноста. На неа мислам сè повеќе како исчезнување, едновремено како неминовно бавно или забрзано тонење во заборав. Јас како обичен смртник. Јас како книжевник одамна имам осознаено дека смрта секако остава незавршено дело. Едно и повеќе како едно.

Јас книжевник и Јас обичен смртник случајно напишав куса белешка, поточно последна порака за моето творештво, а кое мислам дека ќе остане незавршено. Го пренесувам сега, без оглед дали по него ќе допишам уште за нешто:

„Синко мој,

Ти знаеш дека уште од младешки години пишувам/создавам секидневно, интензивно, незапирливо, неуморливо. Знаеш и дека создадов многу и обемни, дури грандиозни дела што за многумина е просто несфатливо, па и неверојатно. Знаеш и дека не ми е сеедно оти тоа мое творештво е непризнаено, а веројатно така ќе остане.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас веќе ти оставив аманет да не дозволиш некое време ниедно од нив да се објави во печатен формат (освен во превод на странски јазик, за што сам ќе одлучиш). Макар некое време по мојата смрт односно исчезнување. Може и до пред моето бавно или забрзано тонење во заборав. Тоа е најпрвин поврзано со заштитата на авторските права и нивната соодветна наплата. („Соодветноста“ оставам ти да ја определуваш.) Исто така, оставам на тебе да одлучиш дали ќе постапиш или не како Макс Брод со ракописите на Кафка.

Но едно секако да не дозволиш: да ми се „додели“ постхумно какво било признание од кого било. Затоа што сметам дека тоа би било лицемерно, па и безобразно.

Синко мој,

Моето незавршено дело поради исчезнување, едновремено како неминовно бавно или забрзано тонење во заборав, сакам да го сметаш или за завршено или како да не сум ни го започнал“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here