Потребно време за читање: 3 минути

34. Ветувачка предизборна говоранција

Пред насобрани селани на говорница излегува млад, енергичен и политички неопределен кандидат за селсконачалник. Завладува молк. Во далечина се слуша брмчење на трактор, во близина мукање на крави и волови и блеење на овци, а ептен близу и меѓу селаните кокодакање на кокошки одвреме-навреме предводено од кукурикање на петел. Ако се земе предвид и залезот на сонцето и пролетно разбудената природа, станува збор за вистинска селска идила.

Кандидатот за селсконачалник Тапчо Овчарски ја почнува својата предизборна говоранција научена напамет:

-Драги мои модерни и перспективни соселани,

Вие мене ме знаете многу добро, јас ве познавам сите до еден, па сум сигурен дека сите ќе гласате за мене да ви станам селсконачалник односно градоначалник на нашево село Весело. Пред сè и над сè затоа што само со мене селово може и натаму стварно да биде весело како што е. Оној Шуте Говедарски, мојот противкандидат, нема врска. Тој не знае ни од носот подалеку, а камо ли што е тоа селсконачалник и што треба да прави и работи како таков.

И нашево Весело, како многу села во земјичкава наша, умира, селани мои. Сè повеќе и побрзо умира. Скоро ќе умре ако не се свестиме и ако не преземеме конкретни акции против умирање. Јас како ваш иден селски градоначалник имам детален план како и до кога. Само вие гласајте за мене, да ви застанам на чело, да станам ваш татко, засега неоженет ама никогаш не се знае до кога, па не само што нема да дозволам заедно со вас да ни умре, туку и ќе го заживееме. Има со трчање да се вратат и оние што заминаа во туѓина јабана и многумина граѓани кои сакаат да станат селани оти им е пукнат филмот во градовите да ги третираат како сељаци.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Дали сте чуле за етно село? Знам дека сте чуле, ама досега никому не му текнало да направи нешто на тој план. Најпрвин услови за етноселски туризам до кој на сите ќе им биде како никогаш поарно. Јас научив дека сè умира и ништо не оди напред ако не е бизнисменско. Бизнисот е единствена перспектива на нашите села, особено оние што се како нашево Весело. Затоа сите мора да бидат во него, и младо и старо, и сè што е со нас и за нас. Да, во него и нашите крави, нашите волови, нашите овци и овнови, наши јарци и кози, а пред сè нашите коњи, кобили, магариња и магарици. И нема да чекаме да ни дојдат горни, да ни го асфалтираат главново џаде и да ни го средат коритцено на рекичкана Митра. Тоа сами ќе го направиме со доброволни акции, со камен што ќе го довлечкаме од ридон Каменик. Е, после ќе почнеме Весело да го правиме бизнисменско односно етно село. Прво ние за да си остане наше, а што ќе остане во него и околу него од трошните куќи и куќарки, од ливаѓето, пасиштата, нивјено, ако треба ќе им го дадеме на дојденци за бадијала да го шират и развиваат. Тоа ви го ветувам јас, Тапчо Овчарски, кандидат за селсконачалник односно селски градоначалник. Гласајте за мене и Весело има да биде какво што не било.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Се јавува еден ептен стар, потпрен на два стапа:

-А бе синко Тапчо, во Весело нè има уште нас шеснаесетмина во години и пред умирачка, а млади како тебе и твојот противкандидат Шуте Говедарски сенасе шестмина. Ние за бизнис?

Тапчо Овчарски:

-Знам, чичко Страшо, добро знам. Ама како што реков, ние ќе почнеме, сами ќе направиме што ќе направиме, па ќе натераме да ни дојдат сељаци од град и да станат селски бизнисмени.

Пак стариот потпрен на два стапа, Страшо:

-Ами жени за тебе и за другите како тебе? Ами фамилија? Ами рожба? Зошто досега не се најде ниедна да ви дојде?

Тапчо Овчарски:

-Тоа е резултат на претходната лоша политика на Шуте Говедарски. Што направи тој за вас старите и за нас младите за пак да си го гласате? Ништо! Што ќе ни е таков?

Селаните се разотидоа во молк. Во далечина веќе не се слушаше брмчење на трактор, ниту во близина мукање на крави и волови и блеење на овци. Ги обзеде длабок молк и кокошките и петелот, како да ја завршиле својата секојдневна работа и ги задоволиле своите секакви лични потреби.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Селото го покри тотален мрак.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here