20. Многугласна песна
Од секаде се слуша
многугласна песна
за една љубов
меѓу човек и птица
во слободен лет.
Не знам, а би сакал
да знам кој прв ја испеал
сам
и по колку време
ја прифатиле
толку многу гласови
како своја; и тоа
за пеење на сет глас,
и тоа за од секаде.
Песнава за една љубов
меѓу човек и птица
сигурно не почнала
како што продолжила
-во слободен лет;
сигурно почнала кога
и таа и тој биле на земја,
биле на небо,
некаде меѓу,
можеби заедно, блиски,
можеби далечни,
можеби меѓусебно веќе
заборавени.
А почнале да ја пеат
во слободен лет
откако ги сплотиле
своите летови
од нејзиниот до неговиот
свет,
којзнае од кога обајцата
слободни;
таа во своја игра,
тој со свој стремеж,
обајцата кон иста цел:
љубов да им грее
домашно огниште.
Слушајќи ја, гледајќи ја,
пеејќи ја многугласнава
песна за една љубов
меѓу човек и птица
во слободен лет,
согледувам дека во неа
има нешто недопеано
и нешто неодгатливо
кои во летот на сите
со нас
ту ја стивнуваат,
ту ја засилуваат.
Како никогаш да нема
да биде допеана.