ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 3 минути

24. Валкани луѓе

Секакви валкани луѓе пред чисти и замешани во чисти. Најмногу меѓу нив политичари и политиканти, ама не се малу на број и пејачи, музичари, глумци, журналисти, писатели, критичари, лекари, доктори, филозофи, продавачи на разни стоки и дребнулии…

Што се случува со чистите луѓе?! Дозволуваат да бидат пред нив, ги оставаат замешани во нив, дури им се препуштаат! Зар се сосем немоќни?!

Мене просто ме запрепастува ова што го гледам: валканиве луѓе чистат пред, во и зад чистите, а чистите им веруваат дека чистат! Дури ги бодрат!

Се замешав во валканите и им се изнавикав:

-Кој ли ве собра толку и секакви валкани на број? Тој што ве собрал, а не се догледува, мора да е највалкан меѓу вас. Ем највалкан, ем највлијателен, ем моќен. Баш сте си го нашле! Чистите пред, во и зад чистите? Како да не! Божем чистите, а трупате сè повеќе и сè поголеми валканости. Ништо чисто не оставате!

Се замешав и во чистите и им се изнавикав:

-Добро бре, чисти луѓе, зарем не гледате на што се сведовте, што ви прават валканиве?! На немошни, беспомошни, рамнодушни, безидејни, бесцелни, бесмислени! Сеедно ви е дека ви го прават ова? Кај ви се личното достоинство, стаменоста, доследноста? Зарем не гледате и не чувствувате дека и вас ве прават валкани?!

Што дека се замешав? Што дека им се изнавикав? И едните и другите како да беа колку слепи, толку глуви! Ни ме слушаа ни ме гледаа. Ниту реагираа како било-гласно, со вик, со гест.

Кога решив да кренам раце, да си стојам скраја и од едните и од другите зашто залудноста почна да ме премалува, еден средовечен од чистите се издели, застана спроти мене и студено, со тивок глас, речиси шепотливо ми изнакажа:

-Ти од кои си? Од нас чистите или од нив валканите? Мене ми се гледаш дека си и од нас и од нив, а така не може никој во овој наш мал и нивен свет. Не гледаш дека сме во два паралелни света? Остави го замешувањето. Тоа е времено, само обид на валканите да нè направат исти како нив откога сфатија дека никако не можат со нас. Да, божем чистат, а всушност уште повеќе валкаат зашто не се научиле на чисто, во чисто. Не разбираат зошто, дека се толку одамна валкани што да не можат ни да се замислат чисти. Велиш и нас нè прават валкани. Грешиш! Да, се обидуваат, ама ниту им успеало досега, ниту ќе им успее отсега. Запомни дека чистите луѓе никој со ништо и за ништо не може да ги извалка…Ја догледуваш чистинана далеку пред нас? Да, уште е далеку, ама ние чистите од ден на ден сè повеќе ѝ се доближуваме. Многумина се веќе таму, многумина ѝ се ближат, а особено млади и средовечни како јас се заитани кон неа… Гледам, се лутиш, се жестиш оти нè гледаш немошни, беспомошни, рамнодушни, безидејни, бесцелни, бесмислени. Нè гледаш грешно. Ние чистите свесно ги оставаме да се изедначат, да се втопат во валканостиве, за најсетне да ја земеме работата во свои раце, и нив и валканостиве наеднаш да ги исчистиме. Дојди да ти покажам нешто.

Ме зеде за рака и ме однесе меѓу две сметишта големи како планини. Ми докажа:

-Погледни ги убаво и внимателно сметиштава. Не се исти. Едното е уште живо, а другото речиси безживотно. Двеве се од нас, чистите луѓе. Кога паѓа мрак и нам ни паѓа мрак на очи ги собираме валканите испопаѓани во меѓувреме, што од силење, што од претоварување со валканости, што од преценување на силата, способноста и знаењето, што од премногу верување и надевање дека туѓините исти како нив, што ги плаќаат како такви, нема да ги остават на цедило, па ги фрламе во уште живово сметиште. Тоа е сметиште на заборавот, а е уште живо зашто белки знаеш дека заборавот е процес кој се одвива бавно; со денови, со години, може и со векови. Кога паѓа мрак и кога ни паѓа мрак на очи, притоа почнуваме дури да губиме здив, да се задушуваме, го преземаме од валканите чистењето на валканостите пред нас, околу нас и во нас, ги собираме и ги фрламе на второво сметиште. Тоа е речиси безживотно зашто помеѓу секаквите минливости и дребнулии на животот има такви што долго се распаѓаат, изумираат и умираат. Зашто толку време биле со нас, што и тие се навикнале на нас и ние на нив.

По ова кренав раце, застанав скраја и од валканите и од чистите, а на средовечниот сакав, ама се воздржав да му го речам ова:

Додека вие чистите стасате до чистината, валканиве толку ќе ве извалкаат, толку ќе станете како нив, непрепознатливи како чисти, и толку сметишта како планини ќе направите, што ќе се свикнете едни на други и заедно на сметишта ќе заживеете. А меѓу вас и чистинана ќе се распростри непрегледна пустелија.

Leave the first comment