СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

44. Конечно бесконечно

Исчезнувам или веќе исчезнав
помеѓу конечното и бесконечното,
во конечното, во бесконечното?

Конечен свет во кој мигум
се запрени зборот, говорот,
мислата, сонот,
болката, рамнотежата.

Бесконечен свет
несмислен, необмислен,
недогледлив, несогледлив,
во кој се стои в место,
се чекори ту со забавен,
ту со забрзан чекор,
се лета, се лебди
со екотен говор
и неизмерен молк.

Чувствувам дека исчезнувам,
а веќе исчезнав
без да забележи кој-годе
ближен, далечен,
знаен, незнаен.

Никому не му е ни верно
дека можеби никогаш
нема да најдат макар трага
од моето постоење меѓу нив,
од моето опстојување со нив.

Конечното и бесконечното
се несомнено
стварноста во која бев
и заумноста од која не успеав
да се ослободам
ни пред самоти смрт.

Во моето подножје
се струполиле
безброј мали и големи,
ситни и крупни камења,
одронати, откршени,
откорнати од моето тело
како планина,
одвеани од врвот
на моето извишување
воспеано за паметење
на предци и потомци.

Leave the first comment