Потребно време за читање: < 1 минута

13. Од наше добро утро

Сакам да го замаглиш
ликот
до непрепознавање
што стоеше сношти
пред мене
сосе мислата на врбата
жална од заборав
на претците.

А и оној со зборови
низ заби
што мелат некакво
лично искуство со тебе
точно на полноќ
како низ
воденички камења;
дека нема нови
во неговата гладна уста.

Сакам да ги замаглиш
обата лика на твојот ѕид
со насликан мој помин
во миг на наш опстој
со љубов.

(Паметиш ли
дека едно време
како деца
во небрежна игра
качени на него
од него фрлавме
зовриено масло
како да е од бедем
опколен со огнови
и молњи
во црни облаци?)

Секогаш секаде ние
сами ќе стоиме
во самота до суден час.

Морето беше незнајно
во тоа наше добро утро
поради изборот
помеѓу злодоба на светот
и недобол на екот,
помеѓу две планини
до небо.

Морето по нас остана
чисто
за нови плими и осеки
дури го гледавме од ѕидот
студено.

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Сакам да го замаглиш
ликот
до непрепознавање
во огледало
што стоеше сношти
наспроти замислата
на врбата жална
од заборав на предците;
дека тоа само ќе остане
овде, крај море
сè додека не почнеме
да пустиниме
како голи коски.

Јас и ти секогаш
секаде засекогаш
ќе стоиме сами
во самота
до суден час.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here