46.
Македон и Ксантија исто мислат за посветеноста како доблест. Дека таа им е својствена само на големи луѓе, на творечки личности, на оние што од многу состојби умеат да изделат една, од многу ситуации единствена или од многу постојани, може долгорочни проблеми и сета творечка енергија да ја насочат на еден решени да се надминуваат себеси до крајот на преостанатиот живот. Не постои апсолутно ништо на светот што би можело да ги одложи или сосем да ги откаже од тоа. Понекогаш е најважно дека се тие едноставни, простосрдечни, пријатни, но без изклучок исклучителни луѓе.
Кога ја имаат предвид посветеноста како доблест, обајцата секогаш радо си спомнуваат на средбата со Д-р Паскал Сотировски, големиот македонски астрофизичар кого тие меѓусебно го нарекоа Сонцевиот; во Париз, во неговиот кабинет во опсерваторијата „Медон“. И ним им се прикажа ист како на секој друг со кого споделил доволно време: секогаш доследен, упорен, истраен. Уште како професор по физика, асистент по астрофизика, па специјализант по астрофизика на Сорбона во Париз.
Ја проучија неговата биографија, особено по дипломирањето астрофизика, докторската дисертација од областа на физиката на Сонцето, членството во Францускиот Национален Центар за научни истражувања и признанијата во научните кругови, членството во Одделението за соларна и планетарна астрономија на Франција. И, се разбира, пред сѐ друго неговата животна преокупација, посветеноста: спектроскопијата на Сончевите дамки и Сончевите ерупции, влијанието на Сонцето врз земјата и емитувањето на неутрината.
Македон и Ксантија се пак на Кожуф, планина на јужниот дел на Македонија, помеѓу долините на реките Вардар на исток, Бошава на север и Блашица на запад. Веќе ги имаат освоено Зелен брег, висок 2.165 метри и Дудица, 2.138 метри, а детално ги запознаа и возвишенијата Васов Град, Острец, Момина Чука и Коприва. Мошне впечатлива им е и висорамнината Витачево.
Сега е лето, јули; пладне, времето свежесто. Штотуку се вратија од изворот на Дошница, под Зелен Брег, и се по којзнае кој пат на западната планинска страна, кај Алшар, во селото Мајден.
Ксантија:
-Д-р Сотировски тврдеше дека во Алшар нашол потврда на своите сознанија и откритија. Сметаше дека тој допрва ќе ги изнесе на виделина своите тајни, од кој најголемата е секако што се случува во центарот на Сонцето. „Алшар е чудо, а тајната на Сонцето е во лорандитот“.
Македон:
-Јас никогаш нема да заборавам со каков занес, со каква ведрина на лицето и сјај во зениците раскажуваше знајно и незнајно за Сонцето. Дека изворот на неговата енергија доаѓа од центарот во кој температурата е петнаесет милиони степени Целзиусови. Тоа го открил австрискиот физичар Бет. Таа опаѓа кон надворешните слоеви, па на површината изнесува околу шест илјади степени Целзиусови. А светлината што стасува на Земјата доаѓа од фотосферата на Сонцето. Потоа, токму поради огромната температура во центарот на него секоја секунда шестотини милиони тони водород се претвораат во хелиум, а од нив четири милиони тони во енергија. Речено поинаку, Сонцето секоја секунда губи по четири милиони тони од својата тежина во зрачење. Притоа, четири јадра на водород се претвораат во едно јадро на хелиум и се добива фотон на светлина. Меѓутоа, кога температурата на ѕвездата ќе се зголеми хелиумот се претвора во јеглерод, а тој во силициум, магнезиум сѐ до железо.
И конечното, посветеноста како доблест во неговото искажување: кога поради преголемите судрувања на честичките би се создале буици неутрина кои би ги разнеле надворешните слоеви на ѕвездата, би бил уништен целиот сончев систем. Сонцето е ѕвезда од трета генерација и би се претворило во портокалест џин, чија поврвнина би ја зафатила дури и планетата Сатурн, а би завршило како бело џуџе. Единствени честички кои можат да ни кажат нешто за внатрешноста на Сонцето се неутрината.
Ксантија:
-И веќе никој не можеше да го запре. Ние го слушавме молчешкум. Просто се плашевме да го потпрашаме за да не му ја разнишаме концентрацијата:
„Пречникот на Сонцето изнесува милион, триста деведесет и една илјада и стои и шест километри. Светлината од Сонцето до Земјата патува со брзина од триста илјади километри во секунда, попрецизно двесте деведесет и девет илјади и седумстотини деведесет и два километра во секунда, и пристигнува за околу осум минути. Фотоните, пак, патуваат со измена и веднаш по создавањето или се распрснуваат или ќе бидат апсорбирани на еден фотон. Кому, кога како сигнал односно информација би тргнал од центарот на Сонцето, за да стигне до површината би му биле потребни до милион години. Неутрината, пак, кои исто така патуваат со брзина на светлината, тоа растојание би го минале само за неколку секунди затоа што нив не може ништо да ги запре, за нив не постои никаква пречка. Тоа се честички кои немаат полнеж и маса и кои се создаваат во центарот на ѕвездите. Од Сонцето на Земјата тие пристигнуваат речиси веднаш, а тоа значи дека совреме информираат што се случува во неговата внатрешност. Од тоа,најмногу зависи судбината на целиот сончев систем.
Македон:
-Нѐ праша: „Како да се фати една таква честичка без маса и полнеж?“. И не чекајќи да се обидеме да одговориме, не ни помислувавме со оглед на нашето незнаење: „Тоа е мистерија која сѐ уште никој не ја разоткрил. Имало и има бројни обиди да се улови со детектори. На пример, детекторот на Д-р Рејмонд Дејвис регистрирал триесет проценти од бројот на неутрината предвидени со теоријата, јапонските истражувања „Камиока“ стасале до четириесет проценти, а во лабораторијата „Гранд Сасо“ во Италија дури до шеесет проценти“.
Ксантија:
-И така, збор по збор, дојде до клучното што го возбуди, му го растрепери гласот: „Најсигурен и засега единствен начин да се детектираат сончевите неутрина, па со нив да се дознае до која фаза се стигнати процесите во внатрешноста на Сонцето, е со помош на ретката руда на талиумот-лорандит, и тоа токму оној што се наоѓа во рудникот „Алшар“. Овој природен детектор не содржи ниту ураниум, ниту бизмут, ниту други елементи чие разложување би произвело олово 205. Кога едно неутрино ќе погоди атом на талиум, тој се претвора во олово. Знаејќи дека само неутрината можат да пристигнат до талиумот, науката веќе има начин како да ги изброи атомите на создаденото олово. Всушност, да го утврди бројот на неутрината што ги има испратено Сонцето, кои единствено можат да се пробијат низ наслагите на карпите и да стигнат до талиумот кој се наоѓа под поврвнината на Земјата. Значи, слојот карпи кој го покрива лорандитот го заштитуваат од влијанието на сите други честички кои стигнуваат од Вселената или Сонцето, и овозможуваат точно да се утврди колку атоми на талиум од лорандитот се претвориле во олово“.
Лето е, јули, помеѓу пладне и попладне. Времето свежесто и сончево. Сонцето е високо над нив. Во Мајден како да нема жива душа, како да се сами. Тој, таа и Сонцевиот.