Еден римски богаташ од првиот век пред Христа, често спомнуван и во нашево време, затоа што бил покровител на поети и уметници, своето презиме засекогаш му го позајмил на добродетелството во најблагородните дисциплини на човечкиот дух. Неговото име е Гај Цилниј Меценат. Од неговото презиме е изведена именката „меценатство“, а благодарение на него најголеми духови на човештвото ги остварија своите визии и соништа.
Кога на францускиот импресионист Пол Сезан татко му, банкар, сакајќи да го одврати од таа професија, му зборувал дека сликарите не заработуваат доволно и дека е потребно многу за да се живее добро, Пол одговорил: „Јас не сакам да живеам добро, туку сакам да сликам“.
Дали класичното меценатство исчезна во нашево време?
Има еден „светол“ пример, за жал не кај нас туку во Хрватска. Јуре Петричевиќ, универзитетски професор по агрономија, кој во Швајцарија стекнал богатство, милион ипол поранешни германски марки со тестамент ѝ оставил на Матица хрватска, установа под чија закрила дејствувал во странство. Тоа го направил во 1997-ма година, а парите стасале следната. Целиот износ е искористен за изградба на нова зграда во дворот на денешниот центар на Матица, на Плоштадот на Штросмаер во Загреб. Изгтрадена е на површина од 570 квадратни метри. Името на мецената Јуре Петричевиќ е сочувано за идните генерации, не само во благодарно сеќавање на современиците, туку и во називот.
Во Македонијса, како и во другите на слично „ниво“, најквалитетните луѓе во културата и уметноста односно во творештвото не можат да живеат од својата работа. Тие се или професори или, пак, се занимаваат со нешто друго, обидувајќи се да преживеат.
За го наплати-продаде своето дело творецот е неопходно да прави компромис. Било професионален, па се „прилагодува“ односно го прилагодува делото (нарачка), или политички, соработувајќи со власта. Моќниците на таквите творци им откупуваат дела или им местат конкурси на кои им доделуваат награди. На луѓето на власт им е потребна поддршката на творците во културата и уметноста, што ја обезбедуваат на тој начин. Се разбира, некои од нив колку-толку ја познаваат уметноста (во најширока смисла) и лесно можат да се препознаат на културно-уметнички манифестации. На пример, знаат кога точно треба да се аплаудира на концерт, бидејќи претходно го слушале и го запомниле делото што се изведува (можеби и го простуридале-навлегле во неговите вредности). Кога по настанот ќе се најде некој новинар да ги праша „Како ви се допаѓа?“ (дебилно прашање на кое би требало да се почне одговорот со „Вака:“), тие „допаѓањето“ го „објаснуваат“ со критичка белешка, па и елаборација на неговата естетика.
Она што е можеби најважно да се истакне како ноторен факт („болен“, зазгрижувачки, бесперспективен), е дека кај нас актуелната полит-бизнис олигархија, генерално, нема свест за поттикнување на творештвото кое, се разбира, не чини многу (во однос на што било, која било друга „материјална“, „егзистенцијална“ област), а со што ќе придонесат за создавање на попривлечна и поатрактивна слика на општеството.
Мало објаснение односно толкување:
Меценатството често се изедначува со спонзороството и донаторството (се сметаат за синоними), што не е точно. На пример, Французите не го користат терминот „спонзорство“, туку како „одговор“ на англиканизацијата го користат зборот „меценат“, а мислат на спонзорство. Не се користи зборот „прилог- донација“ („приложувам- донирам“), но се среќава паролата која „оптимистички“ ја победува строгата и комерцијална терминологија и разни нивоа на контролни листи, шематски прикази и техники на евалуација:
„Луѓе им даваат на луѓе, а не на институции!“
Донаторството како облик на финансирање на творештвото од претпријатие, установа (фондација) или поединци, се именува и како добродетелство, а го означува социјално-хуманистичкиот пристап. Освен тој, разликуваме и хедонистички (меценатство-се врзува за лично, индивидуално донаторство, главно насочено кон творецот-уметникот поединец или непрофитна институција), културолошки (патронат-континуирана активност на приватни фондации кон уметник или институција) и комерцијален пристап (спонзорство-деловен однос на приватна корпорација илки фондација со творец- уметник, дело-уметнички проект или институција, во кој се воспоставува однос на размена; најчесто се разменуваат пари и рекламна противуслуга, публицитет, но постојат и други форми на размена на услуги).
Освен наведените форми на финансирање на творештвото, мошне присутен е и откупот како дел од корпорациската култура. Тој е своевидна помош на творецот (најчесто ликовен уметник), но подразбира пренос на делото во трајна сопственост на корпорацијата. Близок е на поимот „нарачка“, но и на други форми на соработка на индустриски фирми и творци.