Потребно време за читање: < 1 минута

32. Бела промена

Облекле бела промена
последна
млади и стари рожби
во земја пустелива,
па запеале тажаленка,
та заиграле танец
проштален
со тешки чекори
и вкочанети тела;
бавно идејќи кон граница
со недопрена природа.

Облекле бела промена
последна
безволни, застрашени,
обземени од безидејноста
на будните предводници
што земја пустелива
оставиле огнови небесни
да ја горат,
оставиле ветришта лути
да пробиваат
до голи коски нејзини.

Се надеваат дека
облечени во последна
бела промена
ќе стасаат секако
живи или мртви
до границата
со недопрена природа,
па потоа
макар премалени
да ја допрат,
да ја допираат,
да навлезат во неа,

заедно одново
со нови семиња,
со рамновесие помеѓу
нови виделини
и нови мрачнини
на ново време
живот да му вдахнат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here