62. Непокорлив
Може земја, може небо,
може сѐ меѓу неа и него
што дише, што узнава,
што согледува
да урнисаш, да пеплосаш,
да помрачиш
ти зол, ти гол, ти клет,
ама со мене не можеш,
ниту некогаш ќе можеш
сонце в срце
и достоен говор
на корен непокорлив
од рани зори
до ниедно доба
да поразуваш;
на кој ниедно време
или невреме
ништо не му може.
Тој се вкоренил
длабоко в земја
високо в небо,
та сѐ меѓу неа и него
обзел со жизненост,
со светлини, со сенки,
со семиња, со плодови;
за него заедно
да дишат, да узнаваат,
да согледуваат
непрестајно, поривно:
најнапред
дали родот самобитен
е во рамновесие
со планините, долините,
со изворите и понорите
што го опкружиле
вековито;
најнапред
со кого до кога
може да споделува
љубови, добрини,
и секакви настроенија.