61. Чемер
Тој ништи сѐ во човек
како овој што одамна
стои на раб од бездна:
обезимен, обезличен,
обезвреден, обезглавен,
обезгласен, обездомен,
обезнадежен.
Мене ми изгледа
како да се мисли
дали да ја прескокне,
дали да ја прелета
или да ѝ се препушти
до дното на душата;
и зборот и крикот
и молкот во неа.
Може така оти е еден,
оти нема ниеден
пред него, зад него,
крај него,
оти дошол сам
на крајот од ôдот
со исправена става
и крената глава.
Толку ли е голем,
тежок, страден
немерлив, мрачен,
непоимлив, непробоен,
непречен, непобедлив
чемерот
што го опседнал,
та застанал на раб
од бездна
и сеедно му е
дали ќе се сети некој
дека бил некој во време
на опстановка
со секакви премрежија;
или ќе биде запаметен
како секој што
од секакви дребнавости
ги избира оние за помеѓу
најдлабоки, највисоки,
најголеми, најтешки,
најгорливи и најсетни
воздишки.